Во Кинотека на Македонија вечерва во 20 часот ќе се одржи проекција на документарниот филм „Кеиф-македонска чалгиска традиција“. Филмот е снимен во 2019 година, по сценарио на Ристо Солунчев, во режија на Блаже Дулев. Учествуваат: Боривоје Џимревски, Душко Димитровски, Симон Шахин, Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Тасо Велешка Чалгија, Димо Дулот, Вефки Амедов, Раим Баки, Џенгис Ибраим…

Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и на турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации. Филмот го следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и, секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.