По повод јубилејот 60 години македонистиката во Љубљана свеченост организираше Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитет во Љубљана

Поддршката и вложувањата за афирмацијата и изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура во Љубљана продолжуваат со нови генерации словенечки македонисти. Не само со нови студенти што студираат македонистика, туку и со магистерски трудови, нови научни трудови со кои словенечките македонисти ја афирмираат македонистиката на научни собири, учества на културни манифестации и нови книжевни преводи од македонски на словенечки јазик. Ова се дел од пораките искажани на свечениот настан кој по повод јубилејот 60 години македонистиката во Љубљана го организираше Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитет во Љубљана.

Организатприте велат дека и натаму од суштинска важност ќе биде соработката со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којшто е главниот двигател на афирмацијата на македонистиката во светот.
– Оддаваме почит на сите што се вложија во она што веќе е историја на љубљанската македонистика, го валоризираме оствареното и продолжуваме да содејствуваме за уште поголеми остварувања за македонистиката во времето што е пред нас – рекоа организиторите на свеченоста.

Присуствуваа универзитетски професори од Македонија и од Словенија, некогашни и сегашни студенти. Присутните, срдечно ги поздрави деканката на љубљанскиот Филозофски факултет, проф. д-р Мојца Шламбергер-Брезар.
– Како студентка ги слушав предавањата по македонска книжевност кај проф. д-р Драги Стефанија, кој го наследи првиот лектор по македонски јазик во Љубљана, академик Блаже Ристовски, и под чија палка лекторатот во академската 1984/85 година прерасна во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност – рече таа.

Со поздравната реч се обрати и нашата амбасадорката во Словенија, Сузана Зеленковска, која кажа дека македонскиот јазик и кирилското писмо се нераскинлив дел од македонскиот идентитет.
– Со чествувањето на Денот на македонскиот јазик им оддаваме почит на сите кои придонеле за македонскиот јазик – рече Зеленковска.

Таа им се заблагодари на студентите кои го изучуваат македонскиот јазик и на тој начин придонесуваат за неговата меѓународна афирмација, а изрази и задоволство од плодната соработка на љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност со македонските филолошки институции.

Убави желби упати и раководителката на Одделот за славистика, доц. д-р Шпела Севшек-Шрамел, која укажа на резултатите од посветената работа на љубљанската македонистика и го истакна активниот влог на студентите во вид на бројни дипломски и магистерски трудови, настапи на научни и стручни конференции и културни манифестации, објавени преводи итн.

Раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. Намита Субиото, потсети на придонесот на Блаже Конески кон формирањето на македонистиката во Љубљана и на големиот влог на Драги Стефанија кој македонитиката ја водеше над три децении. Тој своето широко познавање на македонскиот јазик и книжевност го пренесе на бројни генерации студенти. Субиото искажа благодарност и кон проф. д-р Катерина Велјановска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, која ја водеше љубљанската македонистика во периодот од 1999 до 2001 година. Велјановска, пак, ги престави своите најнови истражувања на полето на фразеологијата на македонскиот јазик, со предавање на тема „Личните имиња во македонската фразеологија”.

Историјатот на македонистиката на Филозофскиот факултет во Љубљана беше претставен и преку видео-колаж од изјави на студенти, професори и претставници на институциите со кои Катедрата за македонски јазик и книжевност активно соработувала и/или соработува.

Своите поздрави и честитки упатија и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чешишевска, проф. д-р Лидија Аризанковска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, професорите Владимир Осолник и Ѓурѓа Стрсоглавец од Одделот за славистика на Филозофскипт факултет во Љубљана, како и поранешни студенти – Лара Миховиловиќ, Ана Илиевска Завршник и Соња Цекова-Стојаноска.

Универзитетот во Љубљана е првиот странски универзитет на кој во текот на 20 век во рамките на студиските програми започнува изучување на македонистиката надвор од нашата земја.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.