Продолжува поддршката на младинското социјално претприемништво

Успешната приказна со програмата UPSHIFT ќе продолжи до крајот на 2025 година. Меморандумот за соработка го потпишаа Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТД) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ). Двете организации се обврзаа и понатаму да го поддржуваат младинското социјално претприемништво.

Програмата UPSHIFT им овозможува на младите од 13 до 19 години да дизајнираат иновативни решенија за социјални проблеми што ги идентификувале во нивната заедница. Во последните шест циклуси на програмата околу 300 млади луѓе учествувале во програмата посветена на решенијата за климатските промени. Триесет решенија добиле почетно финансирање и идеите биле спроведени во пракса.

– Меѓу нив има иновативни решенија како што се систем за собирање и дистрибуција на дождовница и систем капка по капка за земјоделското средно училиште во Скопје. Целта на програмата е да поттикне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги разбере предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да дизајнираат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Дополнително, на младите им се дава можност да развијат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа, успешна комуникација и да стекнат нови пријателства – велат потписниците на документот.

Во текот на следните три години, соработката и понатаму ќе биде насочена кон социјалните иновации за предизвиците во животната средина и климата. Ова е директен придонес кон спроведувањето на заложбите на ОН и ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан. Циклусите на програмата UPSHIFT ќе ги опфатат областите како што се климатските промени, енергијата, декарбонизацијата, обновувањето на екосистемите, одржливите системи за храна, циркуларната економија и други.

Програмата UPSHIFT претставува комбинација од работилници за социјални иновации со менторство, материјали и почетно финансирање, градејќи ги вештините на младите луѓе. Програмата започнува со локален повик за групи на деца од 13-19 години да дизајнираат иновативно решение за социјален проблем што го идентификувале во нивната заедница. Панел од претставници на приватниот и јавниот сектор ги избира најдобрите идеи, а тимовите се водени од ментор и учествуваат на работилница на која понатаму ги развиваат своите идеи. Програмата преку креираните решенија е од корист за младите, но и за пошироката заедница.

Сподели