Продолжена изложбата на Мирослав Масин во Даут-пашиниот амам

Продолжена е ретроспективната изложба на дела од Мирослав Масин во Даут-пашиниот амам во Скопје, информира Националната галерија на Македонија. Поради големиот интерес од публиката, поставката „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ ќе трае до 30 јуни.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

– Наметнатите ограничувања и норми, пред сè општествени трансформации и насилни мерки на прилагодување и експериментална затвореност се отфрлаат и настанува еден жизнерадосен конгломерат на фрагментирани делови на телото кои врескаат во екстаза и радост, што, од своја страна, е резултат на прифаќањето на самата животна суштина на видот/родот и другоста одразена во сопствената различност. Со и наспроти сите претходни анализи и критики на еволуцијата и цивилизациските вредности, мајмуните (мајмуноликите предци) на Масин се восприемаат како одраз на авторската идеја на нивно доживување и претставување како симбол на слободата и прифаќање на себството – вели Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата е дел од годишната програма на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура, поддржана од неколку спонзори.

Сподели