„Процут кон женственоста“ е насловот на изложбата која до 15 март ќе биде отворена во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Изложени се дела од богатата збирка на Националната галерија. Селектирани се македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата тесно поврзана со човечкиот животен циклус – фазите во растењето и оформувањето на една жена сè до зенитот на нејзината зрелост.

– На почетокот на 20 век, интензивните социјалистички движења меѓу останатото ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Повеќе од половина век борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената. По овој повод Националната галерија веќе петта година по ред организира тематска изложба со посвета на овој ден и воедно, испраќа честитка до сите жени – велат од Галеријата.

Поместени се околу 40 дела – цртежи, графики, слики, скулптури, фотографија, мозаици од Димитар Андонов-Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Никола Мартиноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Ванчо Ѓорѓиев, Борка Аврамова, Катја Ефтимова и автори од Југословенската колекција како: Петар Палавичини, Мирослав Краљевиќ, Златко Прица, Франце Краљ, Ристо Стијовиќ, Златко Латковиќ, Сретен Стојановиќ, Мирко Почуча, Андре Пате.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.