Привилегија е да се работи со ученици со посебен интерес кон математиката

Сојузот на математичарите на Македонија од оваа учебна година организира Школа за млади математичари наменета за основци од 4. до 9. одделение и за средношколци

Да се работи со ученици кои покажуваат посебен интерес кон математиката е привилегија, вели проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Оваа асоцијација е акредитирана од Министерството за образование и наука да ги организира годишните натпревари за основци и средношколци на национално ниво, а активна е и на многу други полиња за популаризација на оваа наука меѓу младите. Веќе пет години ја организираат Есенската математичка школа, а од оваа учебна година почна и Школата за млади математичари. Стојковска е претседател на Комисијата за школи и кампови при Сојузот на математичари на Македонија и раководителка на двете школи.

Проф. д-р Ирена Стојковска на доделувањето на дипломи на Есенската математичка школа

– Школата за млади математичари е наменета за учениците од 4. до 9. одделение од основните училишта и учениците од прва до четврта година од средните училишта. Наставата на Школата се релизира онлајн, еднаш неделно во работен ден, од декември 2023 година до јуни 2024 година. Темите кои се обработуваат на Школата произлегуваат од темите од редовната настава и додатната настава по математика за соодветното одделение, односно година. Секоја од темите е предвидена да се работи на еден блок часови, односно два наставни часа. Задачите кои се работат на часовите се изложени од поедноставни кон посложени, за постепено да се разработи темата. На секоја тема ú се придружени и соодветни задачи за домашна работа – објаснува Стојковска.

Реализатори на наставата на Школата за млади математичари 2023/2024 се: Ирена Стојковска, Ерблина Зеќири, Даниела Димишковска, Снежана Златковска, Елена Хаџиева, Катерина Хаџи – Велкова Санева, Јулија Митреска, Анета Гацовска-Барандовска, Јасмина Маркоска и Ѓорѓи Маркоски.

Дел од тимот на СММ

Стојковска објаснува дека Сојузот на математичари на Македонија веќе пет години ја организира Есенскaта математичка школа во текот на месеците октомври и ноември. Овие предавања се одржуваат во саботите на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Интересот за овие математички школи од година в година е сè поголем и тоа е една од причините Комисијата за школи и кампови при СММ да почне со организација и реализација на Школата за млади математичари, која заедно со Есенската математичка школа нудат континуирана додатна настава по математка преку текот на целата година.

– И двете школи имаат внимателно осмислена програма прилагодена на возраста на учениците и нивните знаења од редовната настава, истовремено збогатена со содржини од додатната настава по математика за соодветното одделение, односно година. Иако идејата за организација на други школи покрај Есенската математичка школа, опстојуваше подолго време, оваа учебна година се случи соработката со Математичкиот клуб „Диофант“ од Ваљево, Србија, кои веќе неколку години успешно реализираат онлајн Школа за млади математичари во Србија. Тоа беше и втората причина за почетокот на Школата за млади математичари во Македонија. Може да кажеме дека Школата за млади математичари во Македонија е резултат на комбинирање на искуствата од Есенската математичка школа и Школата за млади математичари „Диофант“. Соработките од ваков тип може да вродат само со позитивни резултати, затоа што не само што имаат поширок тим за организаиција, туку со размената на искуствата на нашите ученици им ги пренесуваме практиките од регионот кои се веќе успешни – објаснува Стојковска.

Според неа, иако на прв поглед можеби изгледа дека школите на СММ се насочени само кон учениците кои покажуваат зголемен интерес кон математиката и кои се во можност да издвојот време и финансии да учествуваат на нив, нивното влијание е многу пошироко.

– Досега, од одржаните предавања на Есенските математички школи се објавени четири книги, наскоро ќе бидат објавени уште две, а во подготовка се уште четири, по две книги од секоја Есенска математичка школа. Овие книги се напишани на начин да може да се користат и за самостојно совладување на материјалот, но и како материјал за додатна настава по математика во училиштата. Книгите од Есенските математички школи се во продажба и може да се нарачаат преку Сојузот на математичари на Македонија. Новина на ова поле која се воведува заедно со Школата за млади математичари е издавање на електронско списание за додатна настава по математика „Диофант“ со задачите работени на часовите на Школата за млади математичари – вели Стојковска.

Во текот на оваа учебна година треба да излезат четири броја од ова списание, првиот број се очекува да излезе во февруари 2024 година. Електронското списание ќе биде со слободен пристап и кон него ќе може да се пристапи од интернет страницата на Сојузот на математичари на Македонија.

– Тоа што ги издвојува овие книги и електронското списание од останатата математичка литература е што се направени да ги надминат пропустите во знаењата по математика кај учениците настанати од бројните реформи на наставните програми по математика, но и да ги надоградат нивните знења со нови, затоа што за учениците кои покажуваат интерес кон математиката, не постојат граници за нивната љубопитност и желба за знаење – вели Стојковска.

Таа е децидна дека е привилегија да се работи со ученици кои покажуваат посебен интерес кон математиката. Наставниците вклучени во реализација на наставата на школата се свесни за тоа и со посебно внимание ја следат секоја реакција, секој одговор од учениците.

– Поттикнувањето да ученикот дојде сам до одговорот е многу важно во процесот на збогатување на знаењата по математика. На тој начин не само што задоволството од решената задача е поголемо, туку со тоа што ученикот сам доаѓа до одговорот значи дека усвојува начин на логичко размислување, а математиката е токму тоа – вели Стојковска.

Фото: СММ

Сподели