Производството на природен и квалитетен сок од калинка може да го заживе овоштарството во јужните краишта на Македонија и да мотивора повеќе земјоделци да се занимаваат со одгледување на ова овошје. Компанијата „Органик нар“ од Богданци лани започна со производство на сокот од калинка АRT JUICE. Користеше калинки од сопствените овошни насади, но дополнителено откупи околу 80 тони калинки од локалните одгледувачи.
– Среќни сме што продолжуваме една приказна која е автентична за југот на нашата земја. Климатските услови во јужните делови на Македонија се одлични за одгледување калинка, а квалитетниот сок кој не содржи конзерванси и други адитиви е многу корисен и сè повеќе е ценет и на домашниот и на странските пазари. Тоа беше главниот мотив да почнеме со производство. Чувствуваме одговорност да го пренесеме знаењето на нашите предци за здравствените придобивки од калинката, но и кон земјоделците и одгледувачите од кои ја откупуваме калинката. Тие, конечно добиваат пласман, а ние квалитетен домашен производ – вели Александар Семенпеев од „Органик нар“.
ART JUICE не е само приказна за здрав и природен сок од калинка, туку и бизнис иницијатива, која преку откупот и преработката на овошјето отвора нова страница во македонското земјоделство. Идејата да се отвори ваков производствен капацитет на југот на државата носи придобивки и за компанијата и за земјоделците – компанијата ќе има пристап до суровина за сок во непосредна близина и без значителни транспортни трошоци, а земјоделците обезбедуваат пласман за своето производство.
Инспиративната стартап-идеја на „Органик нар“ е препознаена и поддржана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија преку проектот „Организациски развој на оддржливи бизнис модели за обезбеденост со храна во локалните заедници“, поддржан од Шведската организација за развој We Effect.
ART JUICE е сок произведен од домашни калинки одгледани во чиста средина во близина на Богданци. Сокот e добиен исклучиво од зрната на калинката одвоени од кората на плодот. Сокот е без адитиви и додатоци, богат со витамини.