Применувајте индивидуализиран пристап при воспитувањето на вашите деца

Секое дете се раѓа уникатно, со силни страни, слабости, таленти и тенденции кои го прават индивидуа

Пишува: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ Кочо Рацин – Прилеп

Можеби во моментов превртувате со очите, мислите дека овој нов пристап е уште една ставка што треба да ја додадете во вашата веќе бескрајна листа на родителски задачи, но, дозволете ми да ви кажам, НЕ Е! Веќе го индивидуализирате вашето родителство, без разлика дали го сфаќате тоа или не!

Родителите со повеќе од едно дете знаат колку различни можат да бидат децата. Всушност, отсекогаш сум велел дека со брат ми сме потполно различни, иако и двајцата имаме исти родители. Моите две ќерки се различни и секоја од нив е посебна на свој начин.

Секое дете се раѓа уникатно, со силни страни, слабости, таленти и тенденции кои го прават индивидуа. Поради оваа уникатност, различни деца, дури и во исто семејство, реагираат на исти или слични родителски стилови на различни начини во зависност од нивните личности и перцепции.

Тоа бара само да обрнеме внимание на нашите деца; дека ги препознаваме и ги прифаќаме нивните разлики; да признаваме дека голем дел од нивното однесување (особено најфрустрирачкиот дел!) е производ на нивната биологија, а не одраз на нашето родителство; и дека флексибилно го прилагодуваме нашето родителство за да го поддржиме секое наше уникатно дете.

На ист начин ние наставниците имаме за цел да го индивидуализираме образованието за секое дете врз основа на различните стилови на учење, така како што родителите се индивидуализираат врз основа на темпераментот и разликите во личноста на нивното дете.

Принципот на индивидуализирано родителство е клучен за сите други родителски пристапи. На пример, начинот на кој родителот негува и покажува љубов кон одредено дете треба да го одразува начинот на кој тој открил дека детето се чувствува сакано. Границите, последиците и степенот на слобода што родителите му ја даваат на детето треба да зависат од личноста и зрелоста на детето.

На пример, пркосното дете кое недолично се однесува може да има корист од поцврста казна, додека на чувствителното дете може да му треба само еден неодобрувачки збор. На храброто дете со силна волја обично му требаат повеќе правила за да биде безбедно и да научи самоконтрола. Детето кое веќе го контролира своето однесување може да почувствува недоверба ако неговите родители постават строги правила, што ќе доведе до потреба да се побуни.

Родителите кои го приспособуваат своето родителство на секое дете можеби ќе се прашаат и за правичностана истото. Доколку едното дете во семејството е казнето построго од другото – нема ли тоа да создаде љубомора и ривалство? Одговорот е НЕ – ако родителите ги учат своите деца дека да се биде фер не значи да им се дава на сите истото. Највисокото значење на ‘да се биде фер’ е на секој човек да му се даде она што му треба.

Сите ние сме имале искуство во текот на нашето родителство нешто да функционира за едното дете, но дефинитивно да не функционира за другото.  Зарем ова не е дел од она што го прави родителството една голема авантура – иако понекогаш и фрустрирачка! И ако сте загрижени дека работите не изгледаат фер во вашето домаќинство, затоа што децата се третираат поинаку, запомнете, праведноста не е нужно еднаква. Праведно е секое дете да го добие токму она што му е потребно.

Kако да применувате индивидуализирано воспитување на вашите деца?

  1. Најдете време внимателно да ги набљудувате вашите деца. Погледнете ги нивните лица. Научете ги нивните изрази и што значат. Погледнете како постапуваат кога не знаат дека гледате. Да се ​​биде внимателен може да ви помогне да гo идентификувате однесувањето на вашите деца и да станете повеќе одговорни на нивните потреби.
  2. Поминете време со секое дете ‘еден на еден’. Еднаш месечно, планирајте посебно време само за вас и вашето дете. Со помалите деца, можете да одите на прошетка, во игротека, во парк и сл. Со поголемите деца, може да одите на планинарење, на концерт, на кино или на јадење. Нека биде тоа интересно и забавно време само за вас двајца. Ова може да стане прекрасна семејна традиција.
  3. Избегнувајте споредување на едно дете со друго. Кога перформансите на детето не ги исполнуваат стандардите на родителите, некои родители го споредуваат детето со брат или сестра како начин да го мотивираат. Но, ваквите изјави се со поголема веројатност да имаат негативен ефект. Наместо тоа, помогнетеим на децата да смислат начини како да ги подобрат своите минати перформанси.
  4. Нагласете го позитивното. Научете да го гледате позитивното во особините што исто така може да се гледаат како проблем. На пример, наместо да му кажете на вашето дете дека е импулсивно, избувливо и брзоплето, кажете му дека е храбро и авантуристично. Наместо хиперактивно – енергично. Наместо шеф, шефица – добар лидер. Поентата не е да се преправате дека вашето дете е беспрекорно, туку да ги видите неговите добри особини и да му помогнете да ги види и тоа.
  5. Помогнете им на вашите деца да ги идентификуваат и изградат своите таленти. Еден од најдобрите начини да се прослави уникатноста на детето е да помогнете да ги идентификува своите таленти, а потоа да ги искористи тие таленти. Затоа што секој е добар во нешто. Дури и работите што некои луѓе ги гледаат како грешки може да бидат таленти. Никој го нема секој талент. Децата може да се обесхрабрат бидејќи немаат таленти што ги гледаат кај другите. Треба да ги потсетиме на талентите што ги имаат. Можеме да ги искористиме нашите таленти за да им помогнеме на другите. Кога го правиме ова, се чувствуваме добро за себе. Дете кое е добро во математика, може да му помогне на соученикот на кој потешко му оди математиката.

Со прилагодување на воспитувањето кон потребите на секое дете, родителите можат да им помогнат на децата да ги развијат своите природни силни страни и таленти, додека ги минимизираат слабостите на секое дете поединечно. Може да биде предизвик да се најде соодветноста помеѓу личноста на детето и стилот на воспитување на родителите, и за тоа е потребно е време, трпение и труд.

Сподели