Приказни од Старата чаршија во Крива Паланка и куќите од кал од северна Индија во книгата „Чувари на прозорци“

Детска книга со илустрации наменета и за возрасни во која се преплетуваат приказни од старата чаршија во Крива Паланка и куќите направени од кал во хималајско село е заедничко дело на авторките Кирила Цветковска и Кавита Син Кале од северниот дел на Индија. Книгата „Чувари на прозорци“ чиј издавач е Градскиот музеј на Крива Паланка, беше промовирана деновиве во Крива Паланка.

Кирила Цветковска

Книгата „Чувари на прозорци” е замислена како еден вид визуелна етнографија каде самите луѓе се среќаваат, споделуваат и изнаоѓаат креативни решенија и е напишана на македонски , хинди и англиски јазик. Иако оддалечени илјадници километри и навидум изобилувајќи со доста различни култури, овие две земји се соочуваат со слични предизвици кога станува збор за зачувување на одредени елементи од едно културно наследство, било тоа да вклучува одредена уметност, архитектура или занает, што било инспирација авторките да го сублимираат во едно заедничко дело.

Таа се заблагодари на сите приустни за поддршката на настанот, а на ЛУ Градски музеј и целиот персонал вработен во установата, за несебичната поддршка и помош во целокупната реализација на „Чувари на прозорци“, како што рече, од идеја до реализација, и секако на општината и Министерство за култура.

-На овој проект работевме интензивно повеќе од една година, од истражувања и споделувања приказни и реалности, за што морам да истакнам дека директорот на мзуејот, Величковски, има една богата пишана и орална историја за нашата стара чаршија, од типот на препознатливост на куќите, луѓе и фамилии кои живееле во нив, така што. Чаршијата навистина во првиот дел е моја главна инспирација и преку тврењето сакам да зачнам тема дека не можеме да ги решиме проблемите што ги имаме, но треба да сме свесни за значењето и вредноста на културното наследство и да изнаоѓаме соодветни решенија за проблемите – истакна Цветковска.

Целта е да поттикнат одредени социјални и општествени прашања за културното наследство, кое се нарушува бидејќи традиционалните градби се претвораат во згради, а цементот и бетонот ги заменуваат каменот и глинените плочи. Општествените норми се прифатени како симбол на моќ и одреден социјален статус, а на овој начин, освен самата архитектура, исчезнува и традиционалниот занает, како и нивното социјално и културно значење.

Драган Величковски

– Проектот „Чувари на прозорци (Window Watchers)” има за цел да привлече внимание и да ја развие свеста за овие два далечни, но истовремено и блиски социјални предизвици и нивните последици во денешна рамка, но и да поттикне одредена надеж и мотивација за пронаоѓање на колективни решенија, споделувајќи и учејќи едни од други. Приказните ја потенцираат одговорноста за зачувување на културното наследство, преку ликови наречени “чувари на прозорци”, кои се обични луѓе кои љубопитно ѕиркаат од прозорците од куќите, набљудувајќи ги дневните случувања, но и забележувајќи ја промената во местата каде што живеат“, вели Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.

Идејата за книгата се родила откако авторките се запознале на виртуелната резиденција за уметнички и писателски практики наречена REMOTA (организирана од Can Serrat, Шпанија и Guion Вajo, Колумбија) каде пронаоѓаат многу сличности околу поимите за дом и припадност и нивните животи, и покрај оддалеченоста од илјадници километри. Желбата за создавање и општествено дејствување е двигателот на овој проект, стремејќи се кон споделување и учејќи едни од други преку реалноста и имагинацијата.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и Општина Крива Паланка.

Сподели