„Приказна од западната страна“ на Спилберг доби „Златен глобус“ за најдобар мјузикл

Филмот „Приказна од западната страна“ (West Side Story) е прогласен за најдобар мјузикл или комедија на „Златните глобуси“, што се одржаа синоќа. Филмот во режија на Стивен Спилберг доби три награди. Преработката на тој мјузикл од 1961 година раскажува за една љубов меѓу двајца млади припадници на две ривалски улични банди.

Рејчел Зеглер од филмот „Приказна од Западот“ е наградена за најдобра глумица во мјузикл или комедија. Здружението на странски новинари во Холивуд, кое го организира „Златен глобус“, ја прогласи „Моќта на кучето“ (The power of the dog) за најдобра драма. Од седум номинации филмот доби три награди.

Никол Кидман освои „Златен глобус“ за најдобра глумица во драма за „Да се биде Рикардо“. „Златниот глобус“ за глумец во драма му припадна на Вил Смит за улогата во „Кралот Ричард“, а најдобар актер во мјузикл или комедија е прогласен Ендрју Гарфилед во „Тик, тик… БУМ“. Наградата за најдобра режија ѝ припадна на Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“.

Јапонскиот филм „Возејќи го мојот автомобил“ е најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Актерите, режисерите и филмските студија во голема мера „ги игнорираа“ наградите „Златен глобус“ оваа година, по критиките во 2021 година – дека организаторот ХФПА работи „со сомнителни етички политики“ и без членови црнци. Ен-би-си, кој долги години го емитува настанот, одлучи да не ги емитува овогодишните награди. ХФПА, која го прошири и инклузивизираше своето членство и ја ревидираше својата практика, ги објави своите селекции на свеченоста зад затворени врати во Беверли Хилс. Добитниците јавноста ги дозна преку социјалните мрежи и на интернет-страницата на „Златен глобус“. Доделувањето, инаку, привлекува милиони ТВ гледачи, кои ги следат филмските ѕвезди на црвениот тепих и вечерта којашто создава гламурозно, но неформално чувство на споредба со „Оскарите“ – најпрестижните филмски награди во индустријата.

Фото: 20th Century Studios

Сподели