Преведувањето на делата на Станислав Лем е како возење на ролеркостер

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот полски автор и футурист Станислав Лем, на фестивалот „Букстар“ се одржа настанот „Да зборуваме за Лем“, на кој за научната фантастика и влијанието на Лем врз светската книжевност дискутираа: Ивица Дукоски, Владимир Симовски и Зоран Милошевски. Во рамките на настанот беше прикажно кратко видео со Виктор Јазневич од Белорусија, приредувач на книгата „Светот на Станислав Лем“, а преку видеопорака се обрати и преведувачката на неговите дела на македонски јазик, Милица Миркуловска. Модератор на настанот беше Александар Маџаровски.

Изадавачката куќа „Антолог“ досега ги има објавено неговите книги: Соларис, Киберијада, Непобедлив и Едем, како и збирката со негови мисли и афоризми „Светот на Станислав Лем“.

– Лем е најпреведуваниот полски писател, а Полска има сериозни писатели, а повод за овој настан е и излегувањето на најновиот превод на македонски јазик на книгата „Светот на Станислав Лем“, која не е роман, туку се 2000 афоризми, цитати, мисли од неговото творештво и интервјуа. Оттука можете да видите за каков автор станува збор, автор со луцидност, смисла за хумор, креативност. Сепак, освен кај познавачите на научната фантастика, не е толку читан кај нас и последниве неколку години „Антолог“ прави одлична работа со преводите на неговите книги. Тоа е една солидна база за љубителите на Лем – рече Маџаровски во воведното излагање.

За тоа што го прави толку посебен овој автор, Ивица Дуковски кажа дека е пред сѐ голем интелектуалец, кој отворил некои теми далеку пред своето време, и особено се осврна на неговата книга „Соларис“, во која станува збор за неможноста да се спознае другоста, а тоа во случајот на овој роман на Лем е океанот како битие само за себе.

Владимир Симовски зборуваше за својата прва средба со делата на Лем во почетокот на 1980-тите години, кога кај нас е формиран клубот на љубители на СФ.

– За „Соларис“ имам забелешка во однос на океанот на Лем, океанот не може да егзистира затоа што нема екосистем, океанот е единечно суштество што не е социјално, па користењето на океанот, а не вонземјани, му дава доза мистериозност на романот – рече Симовски.

Зоран Милошевски се потсети на една анегдота според која Лем е всушност компјутер.

– Тоа се должи на неговото енциклопедиско познавање и на неговиот пристап како професионалец на книжевен план. Лем според својот опус може да се подели на Лем книжевникот и есеист и Лем како филозоф и културолог. Важен е моментот кога Лем авторот го победува Лем филозофот, тоа е моментот на неговите темни предвидувања за научната фантастика на англо-американското подрачје. Тогаш Лем со своите дела стана она што е. Неговиот роман „Соларис“, пак, е едно од ретките дела што ја ставаат научната фантастика на исто ниво со сите други жанрови – рече Милошевски.

Според соговорниците на настанот, Лем не е единствениот претставник на научната фантастика на Истокот, тука се Ефремов или Чапек, на пример, ама е сјајна ѕвезда на Истокот и еден од најважните автори. Самиот тој сметал дека 99 отсто од англо-американската научна фантастика е ѓубре, а само еден отсто е нешто вредно за читање и тука го сместува Филип Дик.

Лем по професија бил лекар, иако никогаш не се занимавал со медицина, а сакал да студира техника, но, наместо да се занимава со наука, се запознал со издавач во Закопане и почнал да пишува, затоа се вели дека полската наука во тој момент загубила голем научник, но добила голем литерат, кој во своите дела предвидел некои технолошки, не изуми, туку концепти, давајќи некои потенцијални иднини.

– До 1950-тите години пишува утопистичка научна фантастика, а потоа откако цензурата во Полска се олабавува, ги пишува најдобрите дела, знаел како да ја заобиколи цензурата преку алегориски прикази на Советскиот Сојуз како змеј, на пример, во еден расказ, каде што го опишува како големо суштество што ништо не прави, а сите го хранат – рече Симовски, појаснувајќи го односот меѓу комунизмот и неговиот опус.

Преведувачката Милица Миркуловска, пак, рече дека преведувањето на неговите дела е како возење на ролеркостер, никогаш не знаеш како ќе заврши возењето. Тој процес го опиша како огромна авантура, од страница во страница, навлегувајќи во тие далечни и непознати светови, и на крајот од своето обраќање порача: „Вљубете се во Полска, вљубете се во Лем!“

Станислав Лем (1921-2006) е најпреведуваниот полски писател, сатиричар, философ и футуролог, како и најпреведуваниот автор на научна фантастика од неанглиско говорно подрачје. Тој е меѓу најпознатите писатели и теоретичари на научната фантастика. Добитник е на многу престижни награди и одличија, а бил и почесен доктор на повеќе универзитети во Полска и во светот. Неговите книги се продадени во неверојатни над 45 милиони примероци.

На втората вечер од фестивалот беше претставена книгата „Под двете сонца“ од авторот Огнен Спахиќ од Црна Гора. Книгата ја промовираше Оливера Ќорвезироска, а модератор на настанот беше Владимир Јанковски. Како што кажа Ќорвезироска, рецепцијата на делата на Спахиќ надвор од границите на неговата земја е одлична, но, иако знаеме што се случувало таму, тоа „не ни течело низ крвта“, сепак препознавањето во неговите книги е вообичаено, секој може да се препознае во нив.

Бранимир Бато Лончар, поранешен капетан на ЈНА, живее на светилник на Јадранот заедно со својата сопруга Даница. Казнети се откако Бато се спротивставил на затворањето на воените затвореници од фронтот кај Дубровник во логорот Морињ кај Бока Которска. Разорени се и од личната трагедија што ја доживуваат кога Даница по неуспешната бременост останува неплодна… Ова е накусо содржината на книгата.

– Во романот „Под двете сонца“ пандан на фантомската болка по СФРЈ е болката на Даница во нејзината утроба… Ова не е роман за повоениот синдром, туку е роман за недонесената одлука во вистинскиот момент – рече Ќорвезироска.

Таа подвлече дека Спахиќ не е ведар, ама е многу вешт писател, кој може да нѐ воодушеви со реченица, со некој штос, со својот необичен и неочекуван хумор, писател што фрла јадица за читателот и одлично го прави тоа.

– Тој смета на талентиран читател, фрла мониста што тој треба ги пронајде низ текстот, намерно изоставува нешта за читателот да истражи понатаму. Кажано со воениот речник, ова е „роман прве класе“ – заклучи промоторката.

По оваа промоција беа претставени и книгите „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, „Од устата на китот“ и „Сината лисица“ од гостинот од Исланд, Сјон. Промотори на неговите книги беа Владимир Мартиновски и Јулијана Величковска.

– Сјон поеднакво пишува и проза и поезија, како и поезија за музика и сценарија за филмови. Најпознат е по текстовите за песните на познатата исландска пејачка Бјорк, а ги напишал и стиховите за песните од филмот „Танчарка во мракот“. Сјон не е првпат тука, во 2007 година тој беше учесник на Струшките вечери на поезијата и тогаш за првпат добивме збирка со исландска поезија преведена на македонски јазик – рече Мартиновски, претставувајќи го авторот.

Исланѓанецот Сјон, пак, зборуваше за тоа колку суровиот и агресивен исландски пејзаж имал влијание врз поезијата и книжевноста воопшто на оваа земја.

– До деветнаесеттиот век тука немало села, градови, само луѓе раштркани по природата, па пејзажот стана своевиден културен наратив – рече тој и потенцираше дека врз неговото целокупно творештво стои поезијата, односно поетот во него го потсетува секогаш внимателно и економично да се однесува со јазикот.

Јазикот, пак, како што кажа, го смета за битие со вештачка интелигенција со кое тој постојано комуницира. Неговите романи се објавени на 35 јазици. Претседател е на Исландскиот ПЕН центар.

Последен настан на оваа фестивалска вечер беше промоцијата на книгата „Сведокот“ од Балсор Хоџа, гостинот од Косово. Неговата книга ја претстави Маџаровски. Тој е познат публицист, есеист, автор на кратки раскази и поет. Досега има објавено четири книги, од кои две се збирки поеми и две се збирки кратки раскази.  Неговата студија за делата на Исмаил Кадаре предизвика книжевна сензација. На промоцијата стана збор за расказите од книгата „Сведокот“, концептуална збирка поделена на два дела, предвоени искуства и повоена дезинтрегација. Тоа е длабок и авангарден бунт против војната, без оглед на страните, непријателствата и аргументите.

Балсор Хоџа зборуваше за недоволното познавање на соседните книжевности и дека во срцевината на таа изолираност на културните средини стои стравот.

Сподели