Претстави од Загреб, Љубљана и на театарот „Бабец“ од Битола на „Игор Маџиров“

Куклено-музичката бајка „Шумата од песни“ во режија на Петер Кус, на Кускус инситут, Арт продукција од Словенија, ќе биде изведена денеска во 11 часот во Театарот за деца и младинци во Скопје. Претставата која е на програмата на Фестивалот за детски театар „Игор Маџиров“, е инспирирана од приказни од Сергеј Козлов. Играат: Уршка Цветко, Бруно Контрец, Лола Млачник и Иван Штрок.

Главната идеја на изведбата е да се создаде еден театар од звучна шума, составен од материјали што потекнуваат од природата. Во ваков театар, шумските растенија, дрвјата, овошјата и други работи од шумата оживуваат во форма на музички инструменти или сценографски елементи. Главната нишка на перформансот е приказната за ежот и неговиот најдобар другар, мечката, заснована на детските приказни од рускиот автор Сергеј Козлов (1940 – 2010).

Театарот „Бабец“ од Битола во 17 часот на сцената на Театарот за деца и младинци ќе гостува со „Бременските музиканти“ во режија на Васко Мавровски. Претставата е наменета за деца над пет години. Играат: Јулијана Мирчевска, Николче Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Катерина Аневска

Ова е нова визуелизација на познатата бајка од браќата Грим. Основната причина за која се одлучивме да ја поставиме оваа претстава е суровоста и „збунетоста“ на човекот кон животните, природата и кон останатите од неговиот род, нереалните очекувања и желбата за владеење со се’ од една страна и желбата на животните односно на сите живи суштества за слободен избор, благосостојба и подобар живот. Актерската игра е исполнета со многу танци, комични сцени, класична музика преработена во модерен призвук надополнета со нови визуелни решенија и магични ефекти за ново незаборавно доживување на децата.

Танцовата претстава „Ова сум јас“ на театарот „Поко локо“ од Загреб ќе биде изведена во 19.30 часот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Режијата е на Дeмиан Кортес Алберти. Играат: Маја Катиќ, Зринка Кушевиќ и Филип Север.

Три човечиња си играат лисица, патка и жирафа, а можеби и навистина се. Низ различни видови на танц, го следиме нивниот однос од независност до заедничка игра. Колку е убаво кога сме различни и заедно еден со друг, велат авторите.

Сподели