Инспиративните говори, корисните искуства, вмрежувањата кои проектите само ги иницираат, а во суштина траат со години, предизвикаа аплаузи во полната конгресна сала на хотелот „Александар Палас“ во Скопје
Наставници, просветни работници, студенти, раководители на институции, професори присуствуваа на Валоризационата конференција за 2023 година што вчера ја организираше Национална агенција за европски образовни програми и мобилност во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Корисници на програмите на Националната агенција претставија дел од проектите кои ги реализираа годинава. Инспиративните говори, корисните искуства, вмрежувањата кои проектите само ги иницираат, а во суштина траат со години, предизвикаа аплаузи во полната конгресна сала.

Присутните ги поздрави Марко Ѓоргиевски, директор на Национална агенција кој посочи дека настанот е доказ за заедничката посветеност и промовирање на завршените проекти, споделување на добрите практики и успешните приказни кои произлегуваат од срцето на програмата Еразмус+.
– Овие проекти не само што претставуваат академски достигнувања, туку служат и како инспирација за идните подвизи – рече Ѓоргиевски.

Марко Ѓоргиевски
Мотивирачки беа и воведните обраќања на советникот за млади на премиерот на Владата, Ѓорѓи Тасев и државниот секретар на Министрество за надворешни работи, Филип Тосевски чија поддршка за младите е активна и постојана. Инспиративен беше говорот на Ана Поп Ризова од скопската гимназија „Орце Николов“ и координаторка на проектот Let’s play a game кој ја освои наградата European Innovative Teaching Award 2023.
Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го претстави проектот „Заедно за здравје“, финансиран од Еразмус+ програмата. Идејата произлегла од потребата за промовирање на здравите животни навики помеѓу младите луѓе во нашата земја каде е евидентирана зголемената стапка на млади лица со прекумерна телесна тежина, зачестеноста на кардиоваскуларните болести кај постарата популација. На страницата https://unitedwellness.com.mk/ објавени се корисни инфпрмации, совети за здрава исхрана, практични вежби, совети за подобар сон итн.

Александар Сибиновски, директор на средното стручно училиште „Владо Тасевски“ од Скопје во кусиот говор ги претстави предностите на програмата Еразмус+. Во текот на мај годинава тој бил на тридневно патување во Прага каде имало стотина учесници од 17 европски земји.

– Овие проекти имаат огромно значење. Во тие три дена се поврзавме, работевме на решавање на заеднички проблеми, споделувавме искуства. Создадовме такви врски што нашата соработка прерасна на неделна база – рече Сибиновски.
Тој додаде дека одамна се обидувале да добијат Еразмус+ проект. Од 2014 до 2017 аплицирале секоја година, но не добиле ништо. Од 2017 до 2019 поминале четири обуки. Оттогаш до денес реализирале три проекти, а годинава се дури носители на еден.
– Луѓе, пишувајте проекти! Националната агенција е наш промотор. Ќе успеете! – рече Сибиновски.

Емилија Петковска од тимот за стручно образование при Агенцијата ги претстави достигнувањата годинава. Таа посочи дека пазарот на трудот се менува брзо, а показател за тоа е феноментот на инфлација на вештини.
– Не смееме да бидеме реактивни. Доказ за тоа е развојот на вештачката интелигенција. Компаниите мора да вложуваат во надградба на вештините, доквалификации и преквалификации и на тоа не треба да се гледа како на трошок – рече таа.
(В.И.И.)





