Премиерно прикажан документарецот „Време, вода, наследство: Охрид“ на Илија Пиперкоски

„Време, вода, наследство: Охрид“ е насловот на документарецот за 70 години Охридски пливачки маратон, што синоќа беше премиерно прикажан во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид. По сценарио и режија на Илија Пиперкоски, филмот преку ретки архивски материјали и нови интервјуа со легендите Дики Бојаџи, Теодора Раптис, Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев, и 11-кратниот победник Петар Стојчев, ја реконструира еволуцијата на маратонот: од пионерските години и подвигот на Атина Бојаџи на Ла Манш, до славните деведесетти и денешните предизвици.

– Патуваме преку маратоните од Охрид до Бејрут, Александрија, Капри-Неапол, Санта Фе и Парана во Аргентина, за да разбереме зошто секој маратонец сака да победи токму тука – на Охридскиот пливачки маратон и што е потребно за да се роди следната генерација на маратонци – вели авторот.

Сценариото и режијата се на Пиперкоски, монтажата на Никола Ристов, а сниматели се: Данчо Стефков, Фејми Даут, Зоран Ставрев, Димко Саздов и Виктор Крстаноски.

Продуцент е Данчо Стефков, а за дизајнот на звук се погрижи Дарко Спасовски. Учесници во филмот се: Кочо Паскали, Ристе Савин, Зорица Нестор, Горан Стојановски, Дики Бојаџи, Томи Стефановски, Теодора Раптис, Евгениј Поп Ацев и Петар Стојчев.

Сподели