Премиерна проекција на уметничкото видео „Вештини за оживување“

Уметничкото видео „Вештини за оживување“ од авторката Клелија Живковиќ ќе биде премиерно прикажано вечерва, во 20 част во,КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Станува збор за партиципативен уметнички проект и метод во кој Живковиќ се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нè обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет.

Учесници и ко-автори во проектот се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска.

– Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува – велат авторите.

Во периодот од три месеци, петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности. Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ – одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница.

Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа). Проектот е дел од Артс Хаб програмата на „КСП Центар-Јадро“, поддржана од Фондацијата Отворено општество.

Сподели