Премиерата на „Фирма“ на Драмски ќе го отвори 2. РУТА, гостуваат пет театри од регионот

Второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА од 3 до 8 октомври во Скопје ќе ги донесе ансамблите на водечките театарски куќи од регионот. Со свои претстави пред македонската публика ќе настапат членките на Регионалната унија на театри: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица. Фестивалот ќе биде отворен со премиерната изведба на „Фирма“ од Роланд Шимелфениг во режија на Нела Витошевиќ. Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов, Стефан Вујисиќ

Директорката на Драмски Викторија Рангелова – Петровска најави дека годинешната програма на РУТА тематски е разнолика, но сите претстави заедно имаат и заеднички именител, а тоа е потребата постојано да се потсетува за определени состојби и случувања кои никогаш не треба да се заборават. Одново и одново да се потсетуваме на злосторствата на фашизмот за никогаш да не ги заборавиме траумите што ги носат војните, да бидеме свесни за позицијата на жената во општеството. Да се обидеме да ги почитуваме децата како би израснале во здрави индивидуи. Да се стремиме да ја победиме осаменоста и свеста за обземеноста во трката по пари и моќ како производ наметнат од конзумеристичкото општество во кое живееме.

Улогата на театарот е претставите да обработуваат тематика и наративи кои реферираат на состојби денес, но се провлекуваат и како состојби и случувања низ минатаото или како што вели режисерката Ленка Удовички -Театарот е место каде мора да се посочи со прст на општествените и лични состојби, мора да се проговори, постави прашање и да се дејствува.

На сцената на Драмски во тек на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да види шест репрезентативни и најнаградувани претстави на театрите од регионот.

„Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш настапува на 4 октомври (среда) 2023 година. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски. Улоги: Милош Пејовиќ, Сања Крстовиќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Душан Ковачевиќ, Маја Вукојевиќ – Цветковиќ, Павле Поповиќ, Евгенија Станковиќ, Уна Лучиќ, Стефан Вуковиќ Драгана Јовановиќ, Лара Драговиќ и Драгиша Вељковиќ

„Нора“ е претставата на Местно гледалишче Љубљана, што ќе се игра на 5 октомври  Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ. Играат: Ајда Смеркар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Древеншек Автор: Хенрик Ибзен.

На програмата на четвртиот фестивалски ден на (6 октомври) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево, во режија на Дино Мустафиќ, а по текст на Флоријан Зелер. Улоги: Џана Пињо, Давор Голубовиќ, Адмир Гламочак, Сабина Бамбур и Амар Селимовиќ.

Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ во сабота на 7 октомври во режија на Јагош Марковиќ. Улогите ги толкуваат Бранка Катиќ, Александар Алач, Исидора Симијоновиќ, Владан Милиќ, Павле Пекиќ, Јово Максиќ, Милан Чучиловиќ, Милица Зариќ и Вања Ненадиќ.

Со претставата „Отело“ театарот Улисис од Р. Хрватска го затвара фестивалот РУТА во недела на 8 октомври. Режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево. Ликовите во претставата ги толкуваат актерите: Ермин Браво, Албан Укај, Ана Марија Брѓановиќ, Давор Сабо, Маја Салкиќ, Јасенко Пашиќ, Снежана Богиќевиќ, Аднан Кресо, Мак Ченгиќ и Ален Коњиција

Концептуално фестивалот РУТА Група Триглав се одржува на секои два месеци во еден од шесте театарски центри. Драмски театар Скопје е домаќин на 16-та РУТА на која македонската публика ќе ја има можноста да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион. Со тоа се остваруваруваат постулатите на формирањето на Унијата да се поттикне создавање на нови заеднички проекти, копродукции и гостувања на режисери и актери од целиот регион.

Сподели