Премиера на магистерската претстава на режисерката Шенај Мандак – „Драга Јелена Сергеевна“ во МНТ

Премиерната изведба на магистерската претстава „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак е закажана за вечерва во 20 часот на малата сцена во Македонски народен театар. Овој проект е реализиран во рамките на соработката помеѓу Македонски народен театар и Факултетот за драмски уметности.

„Драга Јелена Сергеевна“е безвременска приказна која зборува за генерацискиот судир, ги поставува прашањата за моралниот судир, како на индивидуално, така и на колективно ниво. Во овој свет, младите доаѓаат со својата експлозивна енергија, со желба за иднина и со подготвеност да ги поместат сите граници што им стојат на патот. Од друга страна стои наставничката, Јелена Сергеевна која е симбол на идеалите, на принципите, на верата дека човековата етика е нешто што не смее да се предаде. Конфликтот меѓу нив не е само генерациски. Тоа е конфронтација меѓу две визии за животот: светот на принципите и светот на компромисите.

Играат: Сара Спиркоска, Стефанија Начевска, Озан Идрис, Ирена Димеска, Мартин Мазнев. Продуцент е Тадеа Павловска, костимите се на Ивана Секулоска, сценографијата – Сихана Сејфулаји, музиката е дело на Лука Јанкулоски. За преводот на македонски се погрижи Кети Дончевска-Илиќ.

Претставата ги поставува прашањата за кои одбиваме да зборуваме. Дали правилата постојат за да нè заштитат или за да нè ограничат? Кога моралот станува пречка, а кога единствена заштита од корумпираното секојдневие? И дали младите треба да подлегнат на наложениот систем на функционирање или да треба се борат против истиот?

„Драга Јелена Сергеевна“ не е претстава што нуди готови одговори. Таа нè тера да се соочиме со сопствените компромиси, со нашите двојни стандарди и со тивките оправдувања што секојдневно си ги кажуваме едни на други. Некои од нас ќе се препознаат во младешкиот жар, други во упорноста на наставничката, но сите заедно ќе го почувствуваме истиот немир: што останува од човекот кога моралот ќе стане предмет на пазарење?

Сподели