На сцената на „Интимен театар“ во Битола вечерва во 21 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Жени“, работена по документарни материјали, а во режија на Софија Ристевска-Петрушева. Со тоа „Интимен театар“ ја продолжува серијата од документарни претстави, во кои жените зборуваат за своите животи, а во исто време го користат театарот како алатка за подигање на квалитетот на нивното секојдневно живеење.
– Нашиот театар овојпат ја отвори својата сцена за три прекрасни жени коишто се поврзани помеѓу себе со две важни теми – пензионирањето од една, и ракот на дојка од друга страна. Нивната храброст да зборуваат дирекно и отворено за важни за нив теми и проблеми е фасцинантна, а нивната желба за живот е охрабрувачка и мотивирачка – велат од „Интимен театар3.
Во претставата учествуваат: Катерина Петровска, Јоланта Дафовска, Јасмина Костандинова и Валентин Дамчевски.
Од театарот велат дека отворањето на ваков тип на платформи, што нудат учество и на локалното население во современиот театар, се многу актуелни во Европа. Тие даваат шанса за изразување на мислењата на обичниот граѓанин, можност за дискусии на конкретни теми. Од друга страна театарот се користи како полезна алатка за зголемување на квалитетот на живот, на секој што учествува во неговото создавање.