Премиера на „Снег“ во режија на Зоја Бузалковска во МКЦ

Претставата „Снег“ од Максанс Фермин во режија на Зоја Бузалковска, а во продукција на здружението „Штрих“, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Превод од француски јазик го направи Владимир Мартиновски. Извршен продуцент е Андреа Маркоска. Сценографијата е на Ненад Тонкин, костимографијата – Роза Трајчевска. Музиката е на Давид Ангелевски. Бушидо култура и сценски движења – Иванчо Горјанин консултант за јапонска култура и јазик: Chie Nagashima, асистенти на режија: Бојана Василевска и Моника Ставревска, дизајн на плакат и прогама: Румена Најчевска и Павле Игновски.

Претставата ќе има реприза и утревечер во истиот термин.

Улогите ги толкуваат: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Манев.

За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна.

„Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.

Претставата ја помогнаа: Факултет за драмски уметности – Скопје, КЦ Јадро, Лабораториум, Ла Ча, Технополис, Пагода МК, Младински културен центар.

Сподели