Премиера на „Сите прекрасни нешта“ на сцената на Театарот од Штип

Претставата „Сите прекрасни нешта“, според Данкан Мекмилан, а по текст на Ана Ристоска Трпеноска, ќе има премиера вечерва во 20 часот во театарот „Ацо Шопов“ во Штип. Претставата е во режија на Нела Витошевиќ. Сценографијата е на Васил Христов, костимографијата – на Моника Гачева, а изборот на музиката – на Нела Витошевиќ.
За видеодизајнот се погрижи Горан Трајков, а дизајнот на плакат е на Дамјан Момировски.

Улогите ги толкуваат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Стефанија Митовска, Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов, Анѓелка Нашкова, Даријан Петров, Ава Хусеини,Јована Гркова на клавир и Максим Нисев на виолончело.

„Сите прекрасни нешта“ е драма создадена по мотиви на истоимената кратка драмска форма на Мекмилан. Во оваа новосоздадена драма, главниот лик, некогаш дете, сега 35-годишен човек, низ сеќавања го реконструира и оживува минатото како топла семејна приказна која балансира меѓу сите оние работи кои го прават животот тежок, но и сите прекрасни нешта за кои вреди да се живее. Приказна за љубовта и загубата на најблиските луѓе во нашиот живот, која го отвора прашањето за нарушеното ментално здравје, ја прикажува борбата и последиците од неа во семејството, но истовремено зборува и за надежта, што го води човечкиот живот секогаш напред.

Претставата „Сите прекрасни нешта“ посочува на важноста на третманот на депресијата, анксиозноста и клиничката депресија во ерата на либералниот капитализам, како круцијален проблем со кој се соочува единката, растргната помеѓу притисокот на системот и социјалните стеги и стигми. Подигнувањето на свеста за менталното здравје е од суштинско значење за современиот живот и е исклучително важна општествена тема со која треба да се занимаваат театарот и воопшто уметноста денес.

Сподели