Премиера на „Симфонија од дивината“ на Ден Браун во Филхармонија

Македонската филхармонија в сабота (11 мај) во 12 часот премиерно ќе ја изведе „Симфонија од дивината“ чиј автор е светски познатиот писател Ден Браун. Диригент е Иван Еминовиќ, а наратор е актерот Мартин Јордановски, кој ќе ја воведе публиката низ возбудливиот свет на дивината и авантурите на животните.

Проектот е базиран врз новата, илустрирана детска книга на Ден Браун, најпродаваниот автор според „Њујорк Тајмс“, кој се прослави со романите „Кодот на Да Винчи“ и „Ангели и Демони“. Светски познатиот писател ја создаде и музиката за симфониски оркестар која што е инспирирана токму од детската книга.

„Симфонија од дивината“ е богато илустрирана сликовница, придружена со музичка свита за симфониски оркестар. Во сликовницата се прикажани дваесетина животни и секое од нив има свој засебен став во оркестарската партитура. Овој начин на создавање на музика е инспирација од познатата музичка свита „Карневал на животните“ од Камиј Сен-Санс.

„Мојата намера со создавањето на оваа симфониска свита, е да се обезбеди нова забавна можност за семејствата, родителите, за децата и за луѓето од сите возрасти, повторно да се поврзат со магијата на класичната музика“, вели Браун.

„Симфонија од дивината“ ги содржи: Маестро глушец, Добредојде, шумска птицо, Скокачкиот кенгур, Палавите мачиња, Риба – ража, Среќниот нилски коњ, Жаби во бара, Вознемирениот ној, Оклопот на армадило, Вепарот што танцува, Нетрпеливите коњчиња пони, Чудесниот кит, Бркотницата на гепардите, Упорниот слон, Стаорецот напаѓа, Вредните бубачки, Пајакова мрежа, Брилијантниот лилјак, Лебедот во магла, Приспивна песна за скакулецот и Маестро глушец.

Сподели