Премиера на „Сањалице“ во Белград– документарецот за првиот рок бенд на Балканот, чиј продуцент е Јорданчо Петковски

Документарниот филм „Сањалице“ во режија на Владимир Петровиќ, посветен на четирите девојки што го составувале првиот рок женски бенд на Балканот, ќе ја има својата премиера вечерва во Дом на младите во Белград. Проекцијата е во рамките на 71. Мартовски фестивал, а продуцент е Македонецот Јорданчо Петковски. Во составот учествувале Слобданка Дода Мишчевиќ, вокал и ритам гитара, Лилјана Мандиќ, вокал и соло гитара, Лилјана Јефтиќ, бас и Снежана Нена Јушковиќ Стајиќ, тапани. Сценариото е на Матија Јовандиќ и Владимир Петровиќ.

Во време на комунистичка Југославија и во време кога „електричната“ музика била проблем за „чуварите на јавниот морал“, зашто ширела дух на побуна, четирите тинеџерки Дода, две Лилји и Нена го основаат бендот и ја освојуваат музичката сцена на бивша Југославија, рамо до рамо со машките бендови.

„Сањалице“ е тип на документарец, колажен, кој се бави со архивата, обработува период на некогашното време и бара сериозна истражувачка работа.

Јорданчо Петковски (лево) и режисерот Владимир Петровиќ

Филмот се снимаше во 2021 година. Во интервју за Умно.мк, Петковски изјави:

– Како продуцент посебно сум горд на документарниот филм за првиот женски бенд во Европа, кој настанал во 60-тите години во Белград. Се снима веќе некое време, а го режира Владимир Петровиќ и верувам дека ќе биде вистинско изненадување. Сите четири членки на некогашната група се живи и приказната е со нив.

Тие постоеле скоро шест години и потоа се разделиле. На филмот соработувале со авторите, ги отвориле своите архиви, албуми, меморабилии, писма од обожаватели.

Интересно е како се формирале:

– Дода раскажува во филмот дека најпрво некои дечки од маало набавиле гитари и свиреле и кога тие ги слушнале, си рекле: А зошто и ние да не го правиме ова, да свириме? Ги тргнале на страна клавирот, хармониката што претходно ги учеле и родителите им купиле гитари – вели сценаристот Јовандиќ, а биле под влијание на Бич бојс, Мамас енд папас, Дасти Спрингфилд.

Повеќе за филмот, на следниот ЛИНК.

Сподели