Премиера на „Павилјон“ на Дино Мустафиќ со Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Мирјана Карановиќ…

Филмот „Павилјон“ на режисерот Дино Мустафиќ ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје, во рамките на фестивалот „Синедејс“. Филмот, во кој Македонија е копродуцент, ја имаше светката премиера на Сараевскиот филмски фестивал летово. Ова е последниот филм во кој играше актерот Мето Јовановски, покрај врвните актерски легенди од регионот: Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Миралем С. Зубчевиќ, Ксенија Пајиќ, Мирјана Карановиќ, Ермин Браво, Албан Укај. Македонски продуцент е „Круг филм“ од Скопје.

Зад камерата стојат Алмир Џиколи и Мустафа Мустафиќ, монтажата е на Владимир Гојун.

По години понижување и злоупотреба, жителите на Павилјонот, дом за стари лица, започнуваат бунт. Наоружани по нелегален пат, го заземаат домот, го држат персоналот како заложници и влегуваат во судир со властите. Нивната очајничка борба прераснува во политички и медиумски спектакл, а староста им станува предност: немаат што да загубат и подготвени се да се борат до самиот крај. Во Павилјонот се воспоставува нов поредок, воден од жед за одмазда и наталожен гнев, па секој обид за преговори со бунтовниците станува невозможен.

За останатата програма на „Синедејс“ денес, отворете на следниот ЛИНК.

 

 

Сподели