Режисерката Тамара Котевска ќе ја има светската премиера на нејзиниот нов документарец „Патување пеш“ (The Walk) во Њујорк на 9 ноември на Doc NYC, најголемиот американски фестивал за документарни филмови.
Филмот е во продукција на Grain Media и ОХО и е посветен на бегалците од Сирија и Палестина. Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза која ја следи одисејата на Амал преку два континенти.

Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект, а ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште. Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.
Филмот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев.
Тамара Котевска постигна огромен успех како корежисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година, кога филмот доби три награди на американскиотфилмски фестивал „Санденс“, а следната година имаше номинации за „Оскар“ во две категории.

Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, Grain Media. Kако македонски копродуцент се јавува „ОХО Продукција“, a филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм.
Официјалниот трејлер на филмот „Патување пеш“ беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал во септември годинава. Котевска беше гостинка на фестивалот и учествуваше на важна дебата.





