Во киното „Фросина“ во Скопје вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Парадоксот на Диоген“ во режија и кореографија на Јована Зајкова и Бобан Русески. Претставата ќе биде придружена со танцувачка кореографија на креативниот колектив „X Squared“ и од претставници на Скопскиот танцов театар и на Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“.

Станува збор за модерна преработка на истоимената драма од Томе Арсовски, која поставува широки и тешки морални прашања за општеството во кое живееме. Музиката за претставата е дело на познатиот македонски режисер Тодор Скаловски.
„Диоген шетал по земјата во потрага по човек. Во оваа претстава ние го бараме помеѓу вас. Сета моќ е ваша! Ни требате будни и присутни! Ние не се плашиме да го кажеме она што го мислиме и гледаме и притоа да бидеме искрени и со отворено срце. Нашата сцена ќе биде судницата, а вие ќе бидете нашите судии!” – велат младите уметници.

Во претставата играат и Дејан Битровски и Анастасија Данчевска од Скопскиот танцов театар и Илина Костовска и Јана Трајковска од „Илија Николовски-Луј“. Гласовите во претставата ги позајмуваат Христијан Поп-Симонов и Марија Талеска. Претставата е поддржана од фестивалот „Цело е кога се има 30“ и „Театар Чин 4 сцена 5“ од Прилеп.

Претставата ќе се одржи во согласност со протоколите за заштита од ковид-19. Картите се веќе пуштени во продажба и можат да се најдат во кафе-барот „Гарсон“ во центарот на Скопје, по цена од 200 денари.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.