Премиера на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус Помладиот во НОБ

Премиера на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус Помладиот, едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња, ќе биде изведена на 25 октомври во 20 часот во Националната опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска. Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимагловски/Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска/Соња Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на НОБ. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври во 20 часот.

– „Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус Помладиот, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија – велат од НОБ.

Сподели