Претставата „Народен непријател“ од норвешкиот писател Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар. Станува збор за финале на големиот проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата на „Креативна Европа“, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан. Со премиерата ќе биде одбележан и Денот на Европа.

Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.
Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. „Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно – велат авторите на претставата.

Драматург на „Народен непријател“ е Тамара Барачков, текстот го преведе Маја Трајановска-Ивановска, сцецнографијата е на Вишња Вујовиќ, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска. Дизајнер на светло е Крис Јегер, музиката е на Јоргос Дусос, а за кореографијата се погрижи Карис Пекливанидис.

Улогите ги толкуваат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски

Фотографии: Кире Галевски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.