Премиера на „Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ во Охрид

„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е насловена театарската претстава што ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Ова е трета етапа од трилогијата „Сиот свет е сцена – имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици“ на Здружението на уметници „Културен центар медиа артес“.

„Напуштени места“ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување.

– Изведбата ве носи назад во минатото и напред во една алтернативна иднина, во која ликовите сонуваат да бидат. Целиот простор е креиран според внатрешниот свет на протагонистката и текот на мисли кои испливуваат на површина, откривајќи одамна заборавени лични ритуали, угнетувања и ветувања. Колку повеќе ликот станува свесен, толку посилна е нејзината потреба да се ослободи од структурите создадени за неа, кои таа самата не ги создала. Таа почнува да го препознава кодот на однесување што се пренесува од мајка на ќерка со векови – велат организаторите.

Драматург и режисер е Јелена Вуксановиќ. Текстот е колективно авторство на актерите и драматургот. Костимите се на Павел Маслов, а светлото – на Илија Левески. Извршен продуцент е Јасмина Билаловиќ. Играат: Адријана Билаловиќ-Тодороска, Павел Маслов, Билјана Билаловиќ-Велјаноска, Јасмина Василева и Јасмина Билаловиќ,

Проектот е финансиски поддржано од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија. Влезот е бесплатен, но сите кои сакаат да присуствуваат на настанот треба да си резервираат место со испраќање на меил на abandonedplaces.mk@gmail.com или порака на: 070250500.

Сподели