Краткиот филм „Слобода“ во режија и по сценарио на Златко Ѓелески ќе ја доживее својата премиера вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Станува збор за краткометражен омнибус, односно спој на три приказни кои се одвиваат една зимска вечер во кафулето „Слобода“. Таму се пресретнуваат тројца пријатели кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе, додека на шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки кои истата вечер одлучуваат да споделат тајни кои ги криеле една од друга, а на оддалечена маса од нив во тек е зделка за продажба на артефакт од Крушевската република.

Во улогата на тројцата пријатели се појавуваат кичевските актери: Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски и Станко Стевановиќ, двете девојки ги глумат: Тамара Ристоска и Весна Гаврилоска, Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески, Андреј Дукоски, Тале Никодиновски и Ренато Јеремоски.
Продуцент на филмот е Бранко Стојаноски, работен за „Блу Медија Моушен“ од Кичево, монтажата и визуелните ефекти ги работи Љупчо Темелковски, директор на фотографија е Владимир Димоски, звукот е на Горазд Радески, а музиката е на Љупчо Стефаноски.
Ова е третиот краток игран филм на Ѓелески, по „Од другата страна“ и „Мемоари“, а Ѓелески и Стојаноски претходно соработуваа на филмот „Центроид“ од 2022 година, кој го режираше Стојаноски. Краткиот игран филм „Слобода“ е финансиран со помош од фирми од Кичево, со цел да се помогне збогатувањето на културниот живот во градот.





