Филмот „Кино Љубов“ во режија на Јани Бојаџи ќе ја има својата македонска премиера вечерва во 20 часот во Штип. Станува збор за интересна приказна раскажана со голема умешност, а низ малку кадри. По проекциите во повеќе држави и учеството на бројни фестивали ќе ја доживее својата македонска премиера.
Ова филмско остварување, е во продукција на Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, а сценарист и режисер е Бојаџи.
-„Кино Љубов“ е вивисекција на нашиот живот денеска како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства под притисок на лудилото наоколу се на работ на распаѓање. Овој филм е нашиот одговор на прашањето како да се сочуваме самите себе си и нашите семејства? Љубовта е состојката за спас која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме до крај – вели Бојаџи.
Филмот е првата македонска инди“- независна продукција и снимен е без финансиска поддршка од Агенцијата за филм и Министерството за култура. Сниман е за време на ковид-пандемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.
– Овој проект за време на подготовките и снимањето, минуваше низ процес досега непознат за македонската кинематографија во однос на снимање и работа со актери. Приказната е раскажана во десет кадри, со што по својата форма ‘Кино Љубов’ е прв македонски филм направен во стилот познат како one take – изјави продуцентот Дејан Милошевски.
Филмот во продукција на „Синемон медиа фактори“ и „Револушн“.
Во главните улоги настапуваат: Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски.
Автор на музиката е Горан Трајкоски, дизајнер на звук е Игор Василев – Новоградска, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, оператор на камера е Марко Најдановски, а директор на фотографија Иван Зоровски.
– ’Кино Љубов’ е проект направен од љубов. Сите кои се трудеа да го склопат се вљубеници во својата работа и тоа се на крајот и се гледа, публиката ќе го почуствува. Љубителите на филмот ќе ја препознаат енергијата која вткаена во него“ вели актерот Дејан Лилиќ.
За македонска примиера на филмот е одбран Штип, како е културен и универзитетски ценатар во регионот а, дополнително е и град кој после долго време го добива своето редовно кино, иницијатива на дистрибутерот „Киноверзум“. Идејата на продуцентите е „Кино Љубов“ да биде и можност за промоција на македонските кина и враќање на љубовта кон киното, што е основна приказна на филмот.
Скопската премиера е закажана за 26 октомври во киното „Синеплекс“, а во меѓувреме филмот ќе го види и пубиката во Неготино, Велес, Свети Николе, Прилеп и други градови низ цела Македонија.
„Кино Љубов“ ја раскажува приказната за актерот Коста кој четири години е без ангажман во неговиот театар. Згора на се, се случува епидемија на корона. Неиграњето го убива. Така доаѓа на дека тоа е моментот да го реализира својот животен сон да направи приватно кино во кое ќе се прикажуваат само љубовни филмови. И зема заем од неговиот шура Стево, инаку познат лихвар во градот. И покрај настојувањето на целото семејство да ја разбере ситуацијата дека Коста не може да го врати заемот, Стево е немилосрден, си ги сака парите назад. Така се растура семјеството потонато во меѓусебни долгови и недоразбирања кои завршуваат со бомба која под колата на Стево му ја подметнуваат сопругата и сестрата.
Светската премиера на „Кино Љубов“ беше во декември 2022-та година на Фестивалот на авторскиот филм во Белград. Досега помина 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир, со тоа ќе се вброи меѓу македонските долгометражни филмови кои оствариле најголем број фестивалски учества надвор од Македонија.