Премиера на „Кајмак“ и ретроспектива на Манчевски на „Софија филм фест“

Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на режисерот Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и две од краткометражните дела. Токму за вечерва е закажана и бугарската премиера на филмот „Кајмак“, а на неа ќе присуствува и режисерот и дел од актерката екипа. Манчевски ќе биде и претседател на главното жири на 27. издание на фестивалот, кој беше отворено синоќа и ќе трае до 31 март.

– Во последните неколку децении, „Софија филм фест“ ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и стануваат омилени на публиката. Годинава, одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови – велат од Фестивалот.

Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери кој ја имал честа да бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус досега. Ќе бидат прикажани: Пред дождот, Прашина, Сенки, Мајки, Бикини Мун, Врба, Кајмак, Четврток и Крајот на времето. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди.

Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020 каде го претстави „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот. Жирито предводено од Манчевски треба да го избере добитникот на Главната награда на Фестивалот од 12 номинирани филмови, а ќе бидат доделени и награди за најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм и за најдобар филм на младински теми.

Главно мото на годишното издание на СФФ е „Зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја. СФФ ќе има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.

Сподели