Театарската претстава „Ништо не е страшно“ во режија на Златко Митрески и Македонка Илиевска ќе биде изведена вечерва во 19 часот во Центарот за култура во Ѓорче Петров. Претставата е резултат на работилници што се реализираа во текот на целата година. Таа е последниот дел од целогодишната кампања за инклузија на лица со интелектуална попреченост во културата со наслов „Мене ништо не ми пречи“.
Оваа претстава низ една забавна игра, со елементи на мистика, трилер, на моменти во хорор жанр како и црн хумор се занимава со цикличноста на животот и смртта. Еднаквоста на типичното и нетипичното кое што се раѓа и умира на ист начин, но сепак додека е живо се третира како непознато, различно, маргинализирано. Претставата е создадена во процес и анализа врз темата за смртта со ученици за кои беше една табу тема, од една страна, но од друга страна доста поучна и забавна.
Целогодишната кампања содржеше работилници за музика, фотографија и театар. Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од „Порака Скопје“ и ученици со типичен и атипичен развој од училиштата од општина Ѓорче Петров. Претставата е создадена по текстови на Алан Бол, Олга Токарчук, Милан Кундера, Михаил Булгаков, Фјодор Михајлович Достоевски, Вилијам Шекспир, Давид Албахари, Сања Михајловиќ- Костадиновска и Златко Митрески.
Играат: Никола Огненовски, Виолета Дојчиновска, Лара Бошковиќ, Дино Рамо, Трајанка Петреска, Ана Беќарска, Жаклина Велковска, Христина Димовска, Марија Тасевска, Илина Ристовска, Катарина Ристовска
Стефан Бјелиќ, Сандра Миовска, Ема Петреска, Јасен Угриновски, Стефанија Добреска, Матеа Пејчиновска, Јана Ламбевска и Матеа Геровска.
Проектот го поддржаа: Град Скопје, Министерство за култура, Европска Унија – Europe House и амбасадите на Чешка и на Полска во земјава.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.