Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска во 18 часот ќе се одржи премиерата на првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески – „Јанѕа“. Филмот е според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, од истакнатиот македонски документарист Никола Т. Калајџиски кој е режисер и сценарист на филмот. Филмот е подготвен во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески. Монтажата е на Аристид Филактов, композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Директори на фотографија се Дејан Димески и Петар Кочишки.

„Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и го следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници / истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.

Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови кои се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали. Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот 20 век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност кои не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.
Следната проекција во Струга е закажана за утре (17 ноември) во 19 часот. Следуваат проекции во Штип на 28 ноември и во Прилеп на 13 декември.





