Премиера на „Едвард Втори“ во режија на Андриј Жолдак на Охридско лето

Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива – вели режисерот Андриј Жолдак

Театарската претстава „Eдвард Втори”, што според Кристофер Марлоу го напишаа Андриј Жолдак и Сашо Димоски, ќе ја има својата премиерна изведба вечерва во 21 часот на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Претставата во режија на украинскиот режисер Андриј Жолдак, е копродукција помеѓу театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Николај Осипович Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.

Претставата која не е наменета за лица помлади од 16 години има неколку различни насоки: главната е приказната за „Едвард Втори “ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард Втори “од Шекспир. Темите на главната драма кои се интересни за мене и за кои зборуваме се: односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност, вели режисерот Жолдак.

– Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година. Тука лежи и прашањето дали луѓето се смениле, од тие времиња до нашите денови, и ако се смениле, во кој правец ќе течат водите…- вели режисерот.

Драматург на претставата е Сашо Димоски. Сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, костимографијата – на Симон Мачабели и Раде Василев, а асистент – Никола Кимовски. Музиката е на Сашко Костов. За дизајнот на плакатот се погрижи Филип Коруновски.

Улогите ги толкуваат: Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски.

Украинскиот режисер Андриј Жолдак досега кај нас ги поставил театарските претстави „Електра“ и „Соларис“, на сцената на Македонскиот народен театар.

На прес-конференција во рамките на фестивалот, Сашо Димоски рече дека е големо задоволството што „Охридско лето“ ја угостува премиерата на која макотрпно се работело два месеци.

– Станува збор за претстава со исклучително вредна авторка и актерска екипа. Макотрпно работевме цели два месеци во услови и на начини кои ги надминуваат рамките на она што досега за мене било поимање на создавањето театарски претстави, преку еден навистина интензивен, многу жесток процес преку кој стигнуваме до завршен резултат поразличен од сето она што нашиот театар досега го продуцирал пред сѐ, кажа директорот Димоски.

Андриј Жолдак е роден 1962 г.во Киев. Дипломирал режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултанти на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижни фестивали во повеќе од триесет европски земји. Во 2005 година Жолдак ја режира Шекспировата пиеса „Ромео и Јулија“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал, Европската агенција за култура и Академскиот драмски театар во Харков.

По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Јулија“ во самaта Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Оттогаш, тој постојано живее во Берлин, работејќи во водечките театри во Германија, Русија, Финска, Шведска и Швајцарија. Благодарение на неговиот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, во текот на последниве години Жолдак е ангажиран како водител на низа работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија…

Добитник е на Наградата за изведувачки уметности на УНЕСКО (2008), која се доделува за личен придонес кон развојот на театарската уметност, на две Златни маски за најдобра оперска режија и најдобар оперски режисер во Русија (2014, за операта „Евгениј Онегин“, поставена во Санкт Петербург), на наградата Талија за најдобра претстава изведена во Финска (2010, за претставата „Ана Каренина“), поставена во театарот во Турку. Добитник е на наградата за најдобра режија на меѓународниот театарски фестивал во Сибиу (Романија), наградата за најдобар режисер во Романија (за постановката на „Отело“, 2002), наградата за најдобра експериментална претстава на фестивалот во Торун, Полска (за постановката на „Галеб“, 2002), награда од публиката на фестивалот „Златен лав“ (2002), наградата од критиката на белградскиот БИТЕФ (за постановката на „Три сестри“, 2000) и други. Во 2002 година, претставата на Жолдак „Хамлет – Соништа“, изведена во продукција на театарот од Харков, учествуваше на скопски МОТ и ја доби наградата од театарската критика. Во театрографијата на Жолдак, скопската „Електра“, поставена на сцената на МНТ, е неговата 41. професионална театарска режија.

Сподели