Претставата „Дримкечер“ во продукција на „Скоро театар“ од Скопје ќе ја има својата премиера утревечер во 20 часот во Младинскиот културен центар. Претставата е во режија на Виктор Бужаров и Натали Спасова, според драмскиот текст напишан од Натали Спасова, а во неа играат: Сара Климоска, Хари Михајловски, Тамара Ристоска и Стефан Петровски.
„Дримкечер“ е дистописка театарска претстава што ги следи соништата на четири млади улични музичари, кои постојат во свет каде што се’ е ограничено, но во исто време, се’ е достапно и е на продажба.
Во оваа иднина (дали е навистина иднина?) каде креативноста и автентичноста се истрошени, светот бара нови методи за да ја задоволи ненаситноста и вечната глад на публиката. Па така, водени од идеологијата на конзумеризмот, соништата на поединецот се сведуваат на обична трансакција каде што мораш да продадеш еден сон за да оствариш друг.
Претставата е делумно финансирана од Министерство за култура, а процесот на подготовка се одвива во Прага, со помош на D Theater и Culture Moves Europe. За потребите на оваа претстава се користи зелен транспорт и се изработени музички инструменти од отпад изработени од ирскиот музичар Деклан Гакиен, со цел да се намали консумеризмот. Графичкиот дизајн го изработи Стефан Петровски.