Живееме во време во кое елегантно се распаѓаме и ако веќе отмено се распаѓаме барем забавата да биде до крај, вели режисерот Ефтимов

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечерва во 19.30 часот премиерно ќе биде изведена преставата „Да, инспекторе, претстава со грешки“ во режија на Синиша Ефтимов, по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри. Ова е прва соработка на Ефтимов со Прилепски театар.

– Дојдов со идеја да направам претстава која ќе биде на екипата, на театарот. Претставата се вика „Да инспекторе, претстава со грешки“, базирана на современ англиски текст кој е популарен во светот – рече Ефтимов на вчерашната прес-конференција.

Тие направиле своја верзија на текстот. Претставата е поглед на режисерот на она што денес ни се случува во градот, во државата, во светот.
– Сите се гледаме во очи и се лажеме дека сè е в ред и одиме натаму, а во принцип отмено пропаѓаме. Ако пропаѓаме бареме да биде забавата весела. Направивме одлична хит претстава – ансамблот е одличен и беше задоволство да работам. Публиката точно ќе го почувствува тоа што го работевме во изминатиот период – вели Ефтимов.

Во претставата играат Илија Волчески, Димитар Црцороски, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Александар Тодески, Марија Спиркоска-Илијеска, Михајло Миленкоски, Наташа Ачански, Игор Трпчески, Ангела Наумоска и Димитар Ѓорѓиевски. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, преводот е на Дарко Јан Спасов, а тон мајстор и дизајнер на звук е Томе Темелковски.

Волчески вели дека подготовките поминале одлично. Се поклопиле со идеите на решисерот, а тоа ќе се види во финалниот производ.
– Создадовме нешто наше. Публиката ќе го препознае хуморот, кој е поразличен од претходните комедии и веруваме дека ова ќе биде голем хит – вели Волчески.

Според Спиркоска-Илијеска преку драма, мелодрама, трагедија многу полесно се комуницира со публиката за да се доживее емпатијата.
– Комедијата е нешто друго. Секогаш треба да се знае мерката како тоа да се постигне, да се почувствува, да имаш режисер кој треба да те води. Она што го склопивме е претставата која ќе биде хит и ќе биде долго на репертоарот – вели Спироска-Илијеска.

Ова е втора премиера годинава на театарот „Војдан Чернодрински“, вели Јасмина Мицовска- Станкоска, в.д. директорка на Центарот за култура. Таа верува дека публиката ќе ужива во претставата.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.