„Преекспонирано“, првиот игран филм на Елеонора Венинова, ќе ја има својата премиера во вечерва и утревечер во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Проблематична тинејџерка ја нарушува кревката рамнотежа на брачна двојка откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена. Во филмот играат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов.
Азиската премиера беше на фестивалот во Пуне (Индија) во февруари, а следниот фестивалски настап ќе го има на КинЕст фест во Катанија, Италија.
Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката ја напиша Линдзи Рајт, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажата на Гоце Кралевски, а костимите на Жаклина Крстевска. Продуцент е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), а копродуцентка Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за филм, Српски филмски центар и Еуримаж.





