Предност при вработување за најдобрите студенти, ректорите со подолг мандат

Зголемување на мандатот на ректорите од три на четири години, укинување на студиски програми каде студираат по неколку студенти, реизбор на редовните професори на 7 години, предност за вработувања на најдобрите студенти се дел од новините што ги предвидуваат новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката и за научно-истражувачка дејност кои вчера ги претстави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Првите два од понеделникот се објавени на ЕНЕР системот и достапни за коментари и сугестии од јавноста. Нацрт-документите веќе отвораат дискусии во јавноста.

Јаневска рече дека во подготовката на предлозите учествувале повеќе од 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти во соработка со правници од Министерството за образование и наука подготви. Таа посочи дека студентите кои со државна стипендија студираат на еден од најдобрите 100 светски универзитети според Шангајската листа, или студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен, или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот, ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно-научен кадар. Ќе биде воведен нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми.

– Ова ќе ја стимулира конкуренцијата кој носи квалитет. Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање доцент, вонреден или редовен професор, зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите Web of Science или Scopus. За еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската ранг-листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт-фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме – рече Јаневска.

За професорите кои се затекнати при избор во звања, ќе има олеснувања на постапката. Предлог-законот предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор. Еднаш избрани редовни професори ќе имаат реизбор по 7 години. Оние кои се веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон, а академската заедница станува единствена на целата територија. Мандатот на ректорите ќе биде 4 години, наместо сегашните 3, а се менува и моделот за избор на ректор.

Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување на специјалистички знаења. Националниот совет за високо образование и наука пак, добива повеќе обврски. Буџетот за поддршка на научно-истражувачката дејност бил 380 милиони денари во 2024 година, а годинава е 773 милиони денари. Според Јаневска, паралелно со ЗВО неопходно е да се донесе и нов закон за квалитет во високото образование и научно истражувачката дејност, со кој се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет, која во изминатите 5 години постоење, вршеше само акредитација на студиски програми, но не и евалуација.

– Наместо два одбора за акредитација и за евалуација, ќе има еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Ќе се дефинираат постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно-истражувачките субјекти – рече Јаневска.

Предлог-законот за научно-истражувачка дејност предвидува типови на научни установи, доделување на средства за научно-истражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапки за избор во научни звања на истражувачите и слично.

Сподели