„Логиката на индетерминизмот – афирмација на слободната волја“ е тема на онлајн-предавањето што ќе се одржи денеска во 11 часот. Настанот го организираат Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија и се приклучуваат кон одбележувањето на Светскиот ден на логиката. Предавањето ќе го одржи проф. д-р Анета Маркоска-Чубриновска, предавач и истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд.

Присутните ќе ги поздрави деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, а модератор е раководителката на Институтот, проф. д-р Ана Димишковска. По предавањето е предвидена дискусија.

Светскиот ден на логиката традиционално се одбележува на 14 јануари. Денот пред три години е востановен од УНЕСКО и од Меѓународниот совет за филозофија и хуманистички науки (International Council for Philosophy and Human Sciences). Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне глобалната свесност за значењето на логиката, како една од темелните филозофски дисциплини, за развојот на човековите знаења во сите области и за унапредување на културата на мирот, дијалогот и заемното разбирање.

Настанот може да се проследи преку платформата „Зум“ на следниот ЛИНК:

Meeting ID: 669 355 5502

Passcode: 0000

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.