Предавање на проф. д-р Александар Кондински на Институтот за хемија при ПМФ

Проф. д-р Александар Кондински од Техничкиот универзитет во Грац, Австрија, ќе одржи предавање утре во 12 часот во Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предавањето е со наслов „Дигитален пристап кон развојот на напредните материјали“ (Blueprints of Explainable Self-organisation). Ќе се одржи во предавалната 125 или  Хемискиот амфитеатар.

Предавањето е во рамките на иницијативата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за поголема соработка со наши професори од странство, преку Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) при УКИМ.

Александар Кондински (1989, Битола) докторира на Универзитетот Јакобс во Бремен (2016). По докторирањето работи на истражување на напредни материјали со технолошки апликации на Техничкиот универзитет во Ахен и Католичкиот универзитет во Лувен. Во 2020 година започнува со работа на Универзитетот Кембриџ, а понатаму и во центарот Cambridge CARES во Сингапур, фокусирајќи се на дигитализација на хемијата. Од 2025 година е избран за асистент
професор (доцент) на Техничкиот универзитет во Грац (TU Graz), каде ја формира групата за Хемиско моделирање и (хеми)информатика. Александар е член на ЦЕНИИС при УКИМ и работи на продлабочување на македонско-австриската технолошко-научна соработка.

Самоорганизирањето (или самосклопување) во нанотехнологијата и напредните материјали е процес во кој основните компоненти, како атоми, молекули или наночестички, спонтано се организираат во поголеми, уредени структури без очигледна надворешна интервенција, стои во апстрактот за ова предавање.

„Објаснивоста на самоорганизирањето произлегува од разбирањето на основните „нацрти“, односно принципите и предусловите што ги одредуваат синтетичките резултати. Формална и машински обработлива репрезентација на овие „нацрти“ е клучна за развојот на системи за објаснива вештачка интелигенција (Explainable AI), способни да го истражуваат и непосредниот и „длабокиот“ дел од хемискиот простор (deep chemical space). Во ова предавање, најпрво ќе покажеме како молекуларното моделирање ги разоткрива скриените шеми на самоорганизирање кај кластерските материјали, од кои некои можат да послужат како основа за дизајнирање на проширени материјални системи. Потоа, ќе го разгледаме развојот на динамични системи базирани на знаење, кои го забрзуваат откривањето на самоорганизирани ретикуларни материјални архитектури.“

Фото: Јутјуб-принтскрин

 

Сподели