Предавање на Изабел Лорај во Чифте амам

Во Националната галерија Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 19.30 часот предавање ќе одржи Изабел Лорај на тема „Презентистичка демократија: Практика на грижа и квир долг“. Таа ќе зборува за сегашните практики и потенцијали на општествената грижа, кои можат да бидат основа за моделот на демократија во сегашноста. Предавањето е на англиски јазик. По завршувањето преку разговор со Артан Садику, ќе се одржи дискусија на прашањата: Како да се ослободиме од позицијата на субјективитетот на долгот што ни го наметнува сегашниот систем? И како да се организира дисперзирана социјализирана грижа за да се бориме против временската оскудица на сегашноста?

Изабел Лорај е политичка теоретичарка и професорка по квир студии на Академијата за медиумски уметности (KHM) во Келн и работи за transversal texts (transversal.at), платформата за издаваштво на Европскиот институт за прогресивни културни политики (eipcp). Таа е авторка на неколку книги, меѓу кои „Состојба на несигурност: Влада на несигурните“, „Демократија во политичката сегашност: Квир-феминистичка теорија“. Во 2009 година, Изабел Лорај престојувала на Универзитетот во Виена со студија за формирање на општеството и консолидирање на владеењето, која беше објавена од Diaphanes во 2011 година, како „Фигури на имунитетот“. Лорај е веројатно најпозната по својата книга „Владеењето на несигурните“, која е преведена на пет јазици, и за која Џудит Батлер го напиша предговорот. Во неа, Лорај се занимава со несигурноста што се шири низ општеството, социјалната несигурност во нео-либералниот контекст, поврзаните родови политики, но и можностите за промени. Лорај работела како гостин професор на Универзитетот за уметности и Хумболтовиот универзитет во Берлин, а предавала и на универзитетите во Базел, Виена и Касел, на теми од социјални/општествени и културни науки, феминистичка и постколонијална теорија. Прредавањето се одржува во рамките на КРИК – Фестивал за критичка култура е финансиски поддржан од, Гете Институт, Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската комисија, финансирана од Европската Унија.

Сподели