Предавање на д-р Јован Костов за хибридните методи за изучување на јазиците

„Хибридни методи за изучување на јазиците: примери од францускиот јазик и култура“ е темата на предавањето што утре на пладне во салата за седници при Филолошкиот факултет во Скопје ќе го одржи д-р Јован Костов, доцент на Универзитетот Пол-Валери Монпелје 3.

Демократизацијата на информатичките технологии значително го измени пристапот кон изучувањето на странските јазици во последните десет години. Со креирањето нови видови материјали за учење, како и нови дигитални алатки, улогата на наставниците се менува, но нивното присуство останува неопходно како гаранција за спроведување на процесот на учење на еден странски јазик. Со оваа технолошко-техничка еволуција, еден од начините за изучување на јазиците што ја освојува практиката е хибридното учење. Овој начин на учење на јазикот претполага изготвување посебни сценарија во кои технологијата има голем удел во автономизацијата на ученикот, особено при совладувањето на граматиката, на лексиката, како и на усното и писменото изразување и разбирање. Во ова предавање ќе дадеме посебен осврт на хибридниот начин на учење на јазиците преку примери од платформата „Bolivia Habla Fr@ncés“ наменета за изучување на францускиот јазик во Француските алијанси во Боливија, како и од проектот „Нексус“ на Универзитетот Пол-Валери Монпелjе 3 кој опфаќа целосна реконструкција на програмите за изучување на дванаесетте јазици кои се предаваат како јазици за специјалисти од други дисциплини во рамките на наставните програми.

Проф. д-р Јован Костов е доцент по методика и дидактика на францускиот јазик како странски јазик на Универзитетот Пол-Валери Монпелjе, Франција. Негова потесна специјалност е дидактиката на француската граматика, педагошкиот инженеринг и дизајн на јазични програми и материјали и јазичните технологии и нивната улога во изучување на странските јазици. Автор е на повеќе стручни трудови и помагала за изучување на францускиот јазик, пред сѐ за потребите на организации како француските алијанси во Латинска Америка (Боливија, Мексико, Венецуела).

Сподели