„Правото да имаш права: кубанските уметници против државата“ е насловот на предавањето на интердисциплинарната уметничка и писателка Коко Фуско кое ќе се одржи онлајн вечерва во 18.30 часот. Предавањето ќе се однесува на „артивистите“ во Куба кои се залагаат за проширување на слободата на изразувањето и за нивните граѓански права. Во своето предавање Фуско ќе ги посочи примерите и активностите на групите и колективите 27N и San Isidr и нејзината соработка со кубанските уметници. Предавањето го организира Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на интердисциплинарната програма со циклусот онлајн-предавања „Без/редие во светот на уметноста“, чиј автор е Тихомир Топузовски.

Фуско e интердисциплинарна уметничка и писателка фокусирана на политиката на родот, расите, војните и идентитетите. Нејзините дела вклучуваат перформанси, мултимедијални проекти, телевизиска продукција, преноси во живо на веб и интеракција со публика и други настапи кои активно ја вклучуваат јавноста.
– Нејзината работа се темели на мултикултурни и постколонијални дискурси, феминистички и психоаналитички теории, создавајќи уметнички проекти со етнографски прикази, психологија на животните, сексуалниот туризам на Карибите, работните услови во слободните трговски зони, потиснатите колонијални записи за домородните борби и спроведените испитувања во текот на војната против тероризмот. Исто така, нејзините дела се однесуваат на кубанската култура во пост-комунизмот – велат организиторите на предавањето.

Фуско поседува дипломирала на Универзитетот „Браун“ (1982), магистрирала на „Стенфорд“ (1985), а докторирала уметност и визуелна култура на Универзитетот „Мидлесекс“ (2007). Добила бројни награди за уметност. Нејзините дела се во постојаните колекции на Музејот за модерна уметност во Њујорк, Центарот „Помпиду“ во Париз и Музејот на современа уметност во Барселона.

Насловна фотографија: Youtube

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.