Предавања за македонската археологија на Гоце Наумов во Берлин и Виена

Археологот д-р Гоце Наумов ќе одржи предавања во Ајнштајновиот центар во Берлин, денеска во 16.30 часот  и во Австриската академија на науките во Виена, утре во 17.30 часот. Предавањата се отворени за следење во живо.

– Ќе зборувам за неолитската хронологија и за мултидисциплинарните методи што ги применуваме во нашите истражувања, како добиваме и толкуваме резултати поврзани со предисториските локалитети во Пелагонија и Охридско-преспанскиот Регион – вели Наумов.

Во најавата за предавањата се вели дека до пред една деценија археологијата на мочуриштата беше апсолутно отсутна на Балканот. Археолозите ги истражувале општествата кои живееле покрај мочуриштата и езерските брегови со методологијата на „сува земја“ според која се донесувале и заклучоци. Истражувањата била фокусирани главно на архитектурата и материјалната култура, без да се земат предвид еколошките студии и мочуришните карактеристики на околината на населбата. На почетокот на 2010 година беше инициран нов пристап во истражувањата во неколку делови на Балканот, а целта беше да се користат актуелни методи за потемелно разбирање на првите земјоделски општества во овој регион.

– Проектите иницирани од Центарот за праисториски истражувања беа меѓу ретките кои го потенцираа подетално ископување и имплементација на науките во археолошките студии, поддржани од теренската работа во регионите на Пелагонија, Охридското и Преспанското Езеро како и со лабораториските анализи во бројни европски институции – пишува во најавата.

Покрај систематското истражување на различни региони и археолошки ископувања на неколку праисториски локалитети, проучувањето на архитектурата, материјалната култура, органските остатоци и природната средина беше придружено со низа методи за да се добие многу подетална перспектива на различните фази од праисторијата. Вреди да се истакне геомагнетното, LIDAR и ласерското скенирање, археоботаничките, радиојаглеродните, дендрохронолошките, археозоолошките, геоархеолошките, антрополошките и ГИС анализите, проучувањето на липидите, изотопите и функциите на алатките или фотограметриското моделирање кои за првпат беа имплементирани во Македонија. Покрај општиот преглед на мултидисциплинарните проекти на CPR, предавањето ќе даде и подетален увид во истражувањето на ранонеолитските локалитети Влахо и Врбјанска Чука во Пелагонија за да се предложи моделот како првите земјоделски општества на Балканот ги населувале мочуриштата.

Предавањата се орагинизираат благодарение на ангажманот на Стефани Рабе, Херман Парцингер, Дарко Стојановски и Барбара Хорејс.

Сподели