„Пред дождот“ на денешен ден пред 30 години се закити со „Златен лав“

Пред точно 30 години, на денешен ден во 1994, „Пред дождот“ триумфираше на венециска Мостра и го освои „Златниот лав“ за најдобар филм и уште 9 други награди на Фестивалот. Директорот на фестивалот, Џило Понтекорво на церемонијата извика -„Баста, сињор Милчо!

Првиот и засега единствен македонски филм кој победил на најпрестижниот светски фестивал, освои уште 20-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 50-ина земји и, како што вели британскиот финансиер Сајмон Пери најзаслужен за постоењето на овој филм, „беше да побудалиш блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995.

Милчо Манчевски и Сајмон Пери

„Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.

– Понекогаш, кога сум во Њујорк, ми текнува дека во 1994, кога „Пред дождот“ беше избран да игра во конкуренцијата за награди, Венецискиот фестивал ми пиша љубезно писмо да ме праша какво е македонското знаме, оти никогаш не го виделе. Во 1993 „Бритиш скрин“ почна соработка со Македонија за ‘Пред дождот’, иако Велика Британија немаше дипломатски односи со државава. Во 1995, кога ‘Пред дождот’ беше номиниран за Оскар, се скарав со Американската филмска академија оти одбив на свеченото доделување филмот да биде најавен како филм од ФИРОМ, и успеав да оди под Република Македонија – вели Манчевски.

Сподели