Правилникот за археолошки истражувања им ги врзува рацете на археолозите. Донесен пред 17 години, не само што е застарен, туку бил проблематичен и во време на неговото донесување. Документот само им одмага на археолозите и тоа мора да се промени. Ова се дел од ставовите на археолозите кои деновиве одржаа јавна трибина на тема „Потребите од промена на Правилникот за археолошки истражувања“. Трибината ја организираше Македонското археолошко друштво, а свои излагања имаа д-р Орданче Петров, новиот претседател на МАД, проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Силвана Блажевска од археолошкиот локалитет Стоби, д-р Александра Папазовска од Археолошкиот музеј, д-р Сања Ивановска-Велкоска од Националниот конзерваторски центар, д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп, Ване Секулов, археолог во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Струмица и претставници од Министерството за култура и од Управата за заштита на културното наследство.
Според Петров, Законот за заштита на културното наследство е донесен во 2004 година и досега се направени повеќе од 15 дополнувања и измени, но ниту едно усогласување на Правилникот кој произлегува од овој Закон.– Затоа треба да зборуваме за проблемите со кои се соочуваме, да предложиме промени што ќе бараме да бидат имплементирани во закон и нов правилник – рече Петров.
Блажевска вели дека нелогичности има и во Законот, не само во правилниците. Таа вели дека археолозуте имаат проблем со евидентирање на музејски материјал, теренски инвентар, селекција на материјалот што треба да биде селектиран за во музеј.– Бидејќи Законот не предвидува што е точно студиски материјал, колеги завршуваат со кривични пријави затоа што имаат неевидентиран материјал – вели Блажевска.
Проф. Митревски вели дека правилникот е пресуден за довро завршената работа на археолозите. Колку има пропусти и е несоодветен, толку е несоодветна работата на археолозите. Досега правилникот постигнувал само спротивен ефект – им ја отежнувал работата на археолозите, а не ги спречувал дивите копачи да работат.
Според Билјана Јовановска од УЗКН, правилникот треба да го прават тие што го применуваат. Таа најави имени на постпечкиот Закон и ја поддржа иницијативата за промена на правилникот. Археолозите се надеваат дека измените на Законот пред нивното донесување ќе бидат ставени на јавна расправа.





