Правете промаја! Светот ќе ви биде благодарен

Нови врати постојано се отвораат, само треба да држите отворени очи. Ви го споделуваме говорот за матурантите на НОВА на проф. д-р Никола Стиков

Во 1995 година Венера Новаковска ми отвори врата. Тоа беше една од најпосакуваните врати за мојата генерација, врата кон САД. Вратата дојде во вид на стипендија од НОВА, тогаш јазично училиште, за да поминам една година во американска гимназија.

Патот до таму беше навистина необичен. Се качив на автобус за Софија, а потоа на авион за Њујорк. Во авионот ѝ побарав на стјуардесата да ми даде да се напијам нешто американско, а таа ми понуди „кока-кола“. Ѝ реков дека „кока-кола“ пијам нон-стоп, сакам нешто навистина американско. Ми даде Dr. Pepper. Пијалакот имаше вкус на паста за заби.

Во 27-те години од тој лет, секој пат кога сакам да се потсетам какво е чувството на влегување во непознатото, се напивам „д-р Пепер“. Секогаш успева да ме потсети на едно 16-годишно дете кое видело отворена врата и поминало низ неа спремно да пие паста за заби.

Нека биде ова ЛЕКЦИЈА број 1 за сите вас: Кога некој ќе ви отвори врата, направете нешто храбро и незаборавно од другата страна!

Од другата страна ме пречека Јукаја, мал град во Северна Калифорнија. Таму ги запознав Симпсонови (немаат врска со ТВ серијата:), семејството кое ми ја отвори вратата од нивниот дом. Сум поминал низ нивната врата стотици, можеби илјадници пати, а сепак моите домаќини Џеф и Мерилин и натаму наоѓаат начини да ме извадат од мојата комфорна зона. Таму пред 27 години првпат го искусив интернетот. Таму првпат зготвив оброк, шетав куче и свирев на клавир. И токму од тој дом, пред само неколку месеци, Џеф почна да ѝ дава часови по пијано на мојата 8-годишна ќерка на „Зум“, на француски, за да можат и двајцата да научат нешто еден од друг.

Значи, мојата ЛЕКЦИЈА број 2 е: Кога некој ќе ви отвори врата, потрудете се да научите нешто ново од другата страна!

Во домот на Симпсонови дознав за „Стенфорд“. Тогаш тоа не беше многу познато училиште, барем не во Македонија. Мерилин ме охрабри да аплицирам таму. Реков дека ќе го направам тоа, но дури откако ќе ги завршам приемните испити, напредните курсеви по физика и математика, ќе земам диплома за средно од Јукаја и уште една од „Корчагин“ наредната година. Сите беа шокирани што не останав во САД, но се вратив во Македонија бидејќи мислев дека шансите ќе ми бидат поголеми ако почекам. Следната година „Стенфорд“ ми ги отвори вратите, ми даде комплетна стипендија, а потоа таму останав цели дванаесет години за студии, магистериум и докторат по електротехника. Оттогаш, уште три земји на три континенти ми посакаа добредојде. Три универзитети ги отворија вратите за мене, а еден од нив, École Polytechnique на Универзитетот на Монтреал, е мојот постојан академски дом веќе седум години.

Време е за ЛЕКЦИЈА број 3: Кога некој ќе ви отвори врата, погрижете се добро да го темпирате влезот, а потоа не брзајте и истражувајте!

Додека првите три лекции ги научив од 16-18 години, ми требаше подолго време за да ја научам следната. Кога сте млади, некои врати ги земате здраво за готово и претпоставувате дека тие секогаш ќе останат отворени. Моите родители постојано ме пречекуваа и ме испраќаа од Скопје, советувајќи ме дека треба да останам во странство, но веројатно потајно надевајќи се дека нема да заборавам каде е мојот вистински дом. Мојата сопруга Драгана минуваше низ секакви врати заедно со мене: вратите на амбасадите обвиткани со бодликава жица, ротирачките врати на академскиот живот и вратите на перцепцијата кои го прошируваат умот. Моите деца Алекс и Софија не знаат која врата ќе ја наречат дома догодина, но се надевам дека ќе го прифатат целиот свет како свој дом. Мамо, тато, Џеф, Мерилин, Драгана, Алекс, Софи, ви благодарам што сè уште отворате врати за мене, и со мене, и што секогаш ми откривате нешто ново и возбудливо од другата страна!

ЛЕКЦИЈАТА број 4 вреди да се научи порано: Кога некој ќе ви отвори врата, заблагодарете се!

Денеска ви се отвора нова врата на сите вам, матуранти, родители, браќа и сестри. Честитки што стигнавте до тука! Многумина од вас ќе си заминат од Македонија и тоа е сосема во ред. Некои од вас ќе одлучат да останат, што е исто така во ред. Не се опседнувајте со оваа одлука. Не им верувајте на оние рап стихови кои велат дека во животот добивате само една шанса. Колку и да звучат убаво, мислам дека не се точни. Нови врати постојано се отвораат, само треба да држите отворени очи.

Следните 10-15 години ќе ги поминете минувајќи низ многу непознати врати, пиејќи чудни пијалаци, запознавајќи необични луѓе и можеби, само можеби, ќе одлучите дека би сакале да возвратите и да го донирате вашето време или пари на луѓето и местата што ви го овозможиле сето тоа.

Во 2020 година се вратив во Македонија за да започнам соработка со Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ). Потоа се случи пандемијата и таа физичка врата се затвори, но се отворија многу виртуелни врати, меѓу кои и онаа на нашата фондација КАНТАРОТ. Ја основавме оваа фондација заедно со мојата сопруга Драгана, за да можеме да промовираме научна писменост во основните училишта преку нашата иницијатива „Наука за деца“. Минатиот месец ја организиравме и првата научна конференција за деца, а втората веќе ја планираме за 2023 година. Потоа тука е и „С(ц)иеста“, заедница на истражувачи од Македонија кои работат во странство и кои редовно се состануваат од 2020 наваму. Го започнавме и Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што многу од овие истражувачи ќе добијат афилијација. Се надевам дека сите овие активности ќе отворат врати за нови генерации, исто како што НОВА отвори врати за мене.

ЛЕКЦИЈАТА број 5 е веројатно најтешката: Кога некој ќе ви отвори врата, обидете се да го сторите истото за некој друг!

Затоа што кога некој ви отвора врата, а потоа, за возврат, вие отворате врата за некој друг, создавате нешто многу моќно од кое повеќето Балканци многу се плашат – промаја.

Промајата е само уште еден збор за ветер (или провев) и е добра за вас! Таа нè штити од коронавирусот, ни помага да се бориме против загадувањето на воздухот и е најдобриот метод за вентилација што го имаме. Промаја е само начин да се внесе свеж воздух во застоена средина и не постои научен доказ дека кога било предизвикала болест. Ако не ми верувате, слободно организирајте промаја предизвик, се согласувам да ви бидам заморче:) Најверојатно нема да се разболам, но вие ќе научите дека експериментите и предизвиците се начинот на кој ги заменуваме старите идеи со нови.

Овој говор ми врати многу емоции и ме направи да се чувствувам дека низ вратата на НОВА повторно се враќам дома. Додека излегувате од истата врата, на сите ви посакувам успешна кариера, но, уште повеќе од тоа, ви посакувам еден ден да ги доживеете емоциите што јас ги чувствувам денес, бидејќи тие се една од ретките работи кои го прават животот вреден за живеење.

За да стигнете до таму, отворете врати за другите и правете промаја! Светот ќе ви биде благодарен.

Преземено од Кантарот.мк – Наука, култура и ментална фискултура

Сподели