Правен факултет организираше летна школа за права на бегалци и миграција, за студенти од цел свет

Летна школа за права на бегалци и миграција организираше Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во земјава и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо. Летната школа е можност за студенти од сите три циклуси на студирање да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција. Програмата опфатила 12 предавања и дополнителни попладневни сесии организирани во 4 дена.
– Осмислена е да им помогне на студентите да размислуваат критички за прашања врзани за правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и универзитетски професори од областа на општественте науки, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата, но и пошироко – велат организаторите.

Летната школа се спроведе преку онлајн платформа за комуникација. Од пријавени 202 студенти од 56 земји од светот, биле селектирани 88 апликанти од 35 држави. На отворањето, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски рече:
– Правниот факултет „Јустинијан Први“ е еден од првите факултети на нашиот Универзитет и оваа година слави 70 години од своето постоење. Оваа летна школа е само сегмент од широкиот опсег на активности што се организираат со нашите партнерски институции, а особено со претставништвото на УНХЦР – потенцира Јанкуловски.

Според деканот на Правниот факултет, проф. д-р Сашо Георгиевски, целта на летната школа е двојна: да послужи како наставна алатка за ширење знаење кај младите од целиот свет, нода биде алатка за подигање на свеста кај младите кое треба да го разгори нивното вмрежување и идната соработка посветени на таа заедничка мисија за заштита на бегалците.
– Би сакале оваа летна школа да стане традиционалн. Среќен сум што годинава собравме голем број студенти од целиот свет, особено во времето кога славиме 70 години од своето постоење – рече Георгиевски.

Сподели