Промоција на албумот „Нудист“ на „Пијан славеј“

Aлбумот „Нудист“ на „Пијан славеј“ ќе биде промовиран утре во 13 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Албумот е издание на SJF Records, а промоцијата е во рамките на 23. издание на „Оффест“ што ќе се одржи од 6 до 9 јуни,

Вториот студиски проект на „Пијан славеј“ (Бранислав Николов – вокал и мини електрично пијано, Пеце Трајковски – гитара и синтисајзер, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани) се состои од 4 композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

– „Нудист“ е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист“ се во срцето на пошироката концертна програма на бендот „Пијан славеј“, насловена како „нова македонска шансона“ – велат организаторите.

Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист“ ќе биде достапен веќе од денеска на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси: Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…

Сподели