Повторно ќе биде отворен Лекторатот по македонски јазик во Тирана

Од новата академска 2023/2024 година ќе може повторно да функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, Албанија. Заедничките заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, за остварување на иницијативата за повторно отворање лекторат, дадоа конкретни резултати. Со официјален допис упатен до „Илинден“ преку неговиот претседател, Никола Ѓурѓај, Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, даде позитивен одговор на барањето за повторно отворање на Лекторатот.

Иицијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана. Остварувањето на иницијативатата се засили во мај годинава кога во Тирана беше остварен работен состанок меѓу Мојсова-Чепишевска, Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги имаше остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.

По одржаниот работен состанок, МСМЈЛКподготви севкупната документација која му беше потребна на Факултетот за странски јазици во Тирана, вклучително и наставните програми по македонски јазик, за да може иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик да се оствари.

Со ова се остварува една од клучните, стратегиски цели на МСМЈЛК при УКИМ за оваа, 2023 година. Претходно, МСМЈЛК на Факултетот за странски јазици во Тирана и му подари повеќе изданија – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе почна да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот. Со целосна посветеност, веќе се создаваат сите услови за непречено одвивање настава и забрзан развој на Лекторатот, кој ќе може да започне по спроведување на постапка за избор на лектор.

Интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози. Лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.

Сподели